Бајиќ со подмладен состав на дуелот со Шпанија


Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Драган Бајиќ, се соочува со проблеми во составот во пресрет на квалификациите за Светскиот куп 2023. Сепак, Бајиќ, не се откажува од намерата во следниот период повеќе шанса да добијат помладите играчи кои досега или добиваа мала или не добиваа минутажа.

Иако на располагање ќе ги нема Ѓуроски, Зекири, Младеновски, Трајковски, Војдан Стојановски, Димитијевиќ, македонскиот селектор е оптимист дека неговите избраници можат да се претстават во добро издание.

– Почнуваме со многу проблеми, но сите што се овде го даваат максимумот и верувам во нив. Треба добро да се подготвиме за овој натпревар. Посебен мотив за Шпанија не е потребен, а и самиот репрезентативен дрес треба да е голем мотив. Како што кажав и претходно, сум победувал посилни екипи со послаб тим. Шпанците имаат силен тим, ќе се обидеме да ја спречиме нивната игра во транзиција и да играме со поспор ритам, изјави Бајиќ.

Селекторот објасни дека капитенот од претквалификациите Бојан Трајковски не е повикан со цел повеќе шанса да му се даде на Теодор Симиќ.

– Трајковски ги исполни добиените задачи и имаше голем придонес што ги поминавме претквалификациите. Сепак, мора да им дадам шанса на помладите, тоа беше и моја цел кога дојдов тука. Како ќе знаеме дали Теодор Симиќ може да игра, ако не му дадеме шанса.

За Лејсон Зекири кој не се појави на овие подготовки, генералниот секретар на федерацијата, Владимир Георгиевски, кажа дека играчот не сакал да игра за македонскиот национален тим, туку се определил да настапува за Косово.

Македонските кошаркари в петок во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје од 19:30 часот ја пречекуваат Шпанија. Во Г-групата се и селекциите на Украина и на Грузија.