Бајден за Зеленски: „Не ми веруваше дека Русија ќе ја нападне Украина“


 

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во петокот дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „не сакал да ги слушне“ предупредувањата на САД пред руската инвазија на неговата земја.

„Ништо вакво не се случило од Втората светска војна и многумина мислеа дека претерувам“ кога зборував за рускиот напад врз Украина пред да започне, рече Бајден на приемот во Лос Анџелес, на кој се собираа средства за Демократската партија.

„Но, знаев дека имаме информации во тој поглед. Путин ќе ја премине границата. Немаше сомнеж, но Зеленски не сакаше да слушне“, изјави Бајден за новинарите.

Соединетите Држави почнаа да предупредуваат за подготовките за инвазија на Украина многу пред рускиот претседател да објави „специјална операција“ на 24 февруари. Овие предупредувања предизвикаа неверување, па дури и критики од некои европски сојузници, кои во тоа време мислеа дека САД претеруваат.