Бајден воведе санкции за оние што го загрозуваат Преспанскиот договор


Американскиот претседател Џо Бајден денеска издаде извршна наредба со која го прошири опфатот на санкциите во однос на националната вонредна состојба од 2001 година и врз оние лица или ентитети кои го загрозуваат и Преспанскиот договор и Охридскиот договор. Во наредбата не се поименично наведени лица и ентитети, но многу јасно се оцртува кој подлежи на санкциите. На тие лица им се замрзува имотот во САД и им се забранува влезот. Наредбата се однесува и на Дејтонскиот договор и на Резолуцијата на ОН 1244.

Бајден наведува дека оваа одлука ја донел затоа што „состојбата на територијата на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Република Албанија (Западен Балкан), во текот на изминатите две децении, вклучително и поткопување на повоените договори и институции по распадот на поранешната Социјалистичка Федерална Република Југославија, како и широко распространетата корупција во рамките на различните влади и институции на Западен Балкан, го спречуваат напредокот кон ефективно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции и со тоа претставуваат невообичаена и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединети Држави“.

Во подолгата наредба го пишува и ова:

„Целиот имот и интереси во имотот што е во Соединетите Држави или кои се во сопственост или контрола на кое било лице од Соединетите Држави на следниве лица се блокирани и не можат да бидат пренесени, платени, извезувани, повлечени или на друг начин договорени со секое лице определено од секретарот на Министерството за финансии, во консултација со државниот секретар:

  • Кои се одговорни или соучесници во, или директно или индиректно вклучени во активности или политики што го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан;
  • Кои се одговорни или соучесници во, или директно или индиректно вклучени во активности или политики што ги поткопуваат демократските процеси или институции на Западен Балкан;
  • Кои се одговорни или соучесници во, или директно или индиректно вклучени во кршење или дело што го попречува или загрозува спроведувањето, каква било регионална безбедност, мир, соработка или договор или рамка за меѓусебно признавање или механизам за отчетност поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи го и Договорот од Преспа од 2018 година и Охридскиот рамковен договор од 2001 година“.

За овие лица се забранува влезот во САД, освен ако државниот секретар или секратарот за домашна безбедност не проценат дека влезот нема да им наштети на интересите на Соединетите Држави. Со наредбата се забрануваат и донации кои може да ја поткопаат безбедноста и демократскиот напредок на поединечните земји и целиот регион.

Оваа наредба треба да помогне надворешната политика на „Соединетите Држави да се справи со дејствија на лица кои се занимаваат со, или помагање, спонзорирање или поддршка на екстремистичко насилство во поранешна Република Македонија (што е сега Република Северна Македонија) и на друго место во регионот на Западен Балкан“

Со оваа наредба продолжува да важи националната вонредна состојба прогласена на 26 јуни 2001 година и по 26 јуни 2021 година.