Бајден поблиску до Белата куќа од Трамп, републиканците обвинуваат за измами


Претседателскиот кандидат на американските демократи, Џо Бајден има само уште шест чекори до овалната соба во Белата Куќа, односно му недостигаат уште шесте изборни гласови од сојузната држава Невада, каде што вчера беше прекинато гласањето и од оваа сојузна држава се уште не се објавени резултатите.Тој успеа во Мичиген да го победи својот републикански ривал, актуелниот претседател Доналд Трамп, кој на овие претседателски избори се обидува да го добие вториот мандат.

По освојувањето на 16 изборни гласови во Мичиген, Бајден сега има вкупно 264 електронски гласови, а за целосна победа му требаат вкупно 270. Претходно, штабот на Трамп поднесе барање да прекине броењето на гласачките ливчиња во Мичиген, со барање да добијат пристап и увид во броењето.

Победата на Бајден во Мичиген е голем удар за Трамп, кој на изборите во 2016 година таму освои победа, исто како и во Винсконсин и во Пенсилванија. Според американските медиуми, освен Невада пресудни за тоа кој ќе влезе во Белата Куќа ќе бидат и Џорџија, каде што Трамп води само 0, 4 отсто и Пенсилванија, каде што се очекува дека гласовите по пошта ќе бидат масовно во корист на Бајден, иако таму сега води Трамп.

Адвокатот на американскиот претседател Доналд Трамп, Руди Џулијани, соопшти дека со правниот тим на претседателот заминал за Пенсилванија за да ги оспори изборните резултати во оваа сојузна држава. Џулијани на Твитер напиша дека во Филаделфија има „масовни измами“, тврдејќи дека демократите се обидуваат да ги „украдат“ претседателските избори и дека републиканците нема да го дозволат тоа, пренесува „Индипендент“. Тој дури излезе со бизарни проценки во својот говор, како на пример дека „мртвите и марсовците“ можеби гласале на изборите, како и дека демократскиот кандидат Џо Бајден можеби гласал за себе 5.000 пати.Според него, врз основа на 75 отсто од преброените гласови во оваа држава, Трамп има предност од 550.000 гласови.

Кампањата на Доналд Трамп претходно најави правни постапки пред Врховниот суд поради нетранспарентност при пребројувањето на гласовите во Пенсилванија. Причината за ова е што во  Пенсилванија, но и Висконсин и Мичиген,во гласовите што се испраќаат по пошта Бајден има непропорционална предност, понекогаш и повеќе од 75 проценти.

Ова ја отвора можноста за привремено запирање на пребројувањето на гласовите во оваа држава, која носи 20 електорски гласови.

Трамп се огласи на Твитер откако објави законска процедура поради пребројувањето на гласовите во Висконсин и Мичиген, во кои  победи неговиот противник, демократот Џо Бајден.

„Нашите адвокати бараа пристап до податоци, но каква корист од тоа? Штетата е веќе направена на интегритетот на нашиот систем и на самите претседателски избори. За тоа треба да разговараме! “, напиша Трамп.

Бајден се уште не прогласи победа на изборите, но  покажува високо ниво на самодоверба со пуштање во употреба на неговата нова „транзициска веб-страница“, пишува британски „Гардијан“.

„Граѓаните на Америка ќе одлучат кој ќе биде следниот претседател на САД. Гласовите се уште се бројат во неколку сојузни држави”, напиша Бајден.

Кризите што ја погодуваат земјата се сериозни – од пандемијата до економска рецесија, климатски промени, до расизам – и преодниот тим ќе продолжи да се подготвува во полн ек, така што администрацијата на Бајден-Харис може да биде подготвена за првиот ден, се вели на веб-страницата на Бајден.

Паралелно, поддржувачите на американскиот претседател Доналд Трамп, некои вооружени, се собираат пред центрите за броење на избирачките ливчиња за претседателските избори.Во некои држави, каде што води американскиот лидер, демонстрантите бараат да се стави крај на броењето, а во други, каде заостанува – да продолжи.

Во округот Марикопа, Аризона, вооружени лица влегоа во изборен центар, додека демонстрантите се собираа надвор. Локалните медиуми јавија дека некои од демонстрантите биле вооружени.Многумина носат капи со логото „Направи ја Америка повторно голема“ и пароли со неосновани обвинувања дека има изборни измами.

Поддржувачите на Трамп се собраа и пред центарот за броење во Мичиген. Тие се залагаат за крај на пребројувањето, додека во Феникс, Аризона, демонстрантите бараат пребројувањето да продолжи со зголемувањето на шансите на американскиот лидер.Приврзаниците на Трамп и крајно десничарската „Стоп за крадење“ се судрија со демонстрантите за „Број ги гласовите“ пред округот Кларк, Лас Вегас.

Ситуацијата е слична на онаа во 2000 година, кога на Флорида беа организирани демонстрации за да се запре пребројувањето на гласачките ливчиња на претседателските избори меѓу Ал Гор и Џорџ В. Буш.Беа организирани мирни протести и во другите градови низ земјата, со барање за пребројување на сите гласови.

Полицијата опколи демонстранти кои учествуваат на маршот во Минеаполис. Властите уапсија и демонстранти  во Портланд, Орегон.Њујорк Тајмс пишува дека Министерството за правда на САД им соопштило на федералните обвинители дека законот и дозволува на владата да испраќа вооружени полицајци во центрите за броење.

Утрово се јави со соопштение и ОБСЕ кое ги нарече многу компетитивни изборите во САД но нарушени од легална неизвесност и од обидите без преседан во САД за намалување на довербата на јавноста во изборниот процес. Во реакцијата се споменува и крајно поларизираната политичка клима  и  агресивната реторика.Нту еден политичар, ниту еден избран функцинер не смее да го ограничи или одземе правото на граѓаните што гласаат, порача ОБСЕ во контекст на обидите да се запре броењето.

Мичиген, Висконсин и Пенсилванија беа клучни држави и на претходните избори во 2016 година. Во секоја од нив, Трамп ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон за помалку од еден процент.Бајден досега победи во 22 од 50 сојузни држави и Дистриктот Колумбија. Тој доби повеќе од 71 милион гласови – најмногу во историјата на претседателските избори во САД.Неговиот ривал, републиканецот Трамп победи во 23 сојузни држави.Победникот се уште не е познат во пет држави, Пенсилванија (со 20 гласачи), Џорџија (16), Северна Каролина (15), Невада (6) и Аљаска (3).