Бајден нема да зборува за истрагата против неговиот син Хантер Бајден

САД – Портпаролката на новоизбраниот претседател на САД, Џин Псаки, изјави денеска дека Џо Бајден нема да разговара за истрагата против неговиот син со кој било кандидат за функцијата иден министер за правда на САД.

Дебатата во Сенатот за кандидатот на Бајден за местото иден министер за правда очигледно ќе биде проследена со спор околу истрагата која ја спроведуваат федералните власти за финансиското работење на синот на претседателот Хантер Бајден, а дел од републиканците бараат и именување на специјална комисија која би спречила евентуално политичко мешање во истражната постапка, посочуваат американските медиуми.

Во интервју за емисијата „Недела на Фокс њуз“, Псаки изјави дека Бајден сака да назначи кандидат со „највисок степен на интегритет“ на чело на Министерството за правда на САД.

– Претседателот Бајден нема да разговара во интервјуата за медиуми за истрагата против неговиот син Хантер, но нема да разговара за тоа со ниту еден од потенцијалните кандидати за иден министер за правда, рече Псаки.

Демократскиот сенатор од Алабама Даг Џоунс и судијата во Федералниот апелациски суд Мерик Герланд се сметаат за најсериозни кандидати за министри за правда во администрацијата на Бајден.