Бајден и Шолц во телефонски разговор го нагласија трансатлантското пријателство


Германија – Новиот германски канцелар, Олаф Шолц, вчера телефонски разговараше со американскиот претседател Џо Бајден, кој му честиташе за назначувањето на  функцијата, јави ДПА.

Портпаролот на германската Влада, Штефен Хебестрајт, изјави дека двајцата лидери ги потврдиле блиските врски меѓу Берлин и Вашингтон, истовремено изразувајќи намера дополнително да ја зајакнат врската на сојузниците.

-Тие се согласија дека трансатлантското пријателство е неопходно за надминување на сегашните и идните предизвици, додаде Хебестрејт.

Белата куќа преку соопштение нагласи дека Бајден ја истакнал својата поддршка за „цврсти односи“ со Германија и за натамошно зајакнување на трансатлантската соработка.

ДПА, повикувајќи се на соопштението на Белата куќа, уште додава дека двајцата лидери разговарале и за глобалните предизвици, како што се климатските промени и пандемијата на коронавирусот, како и за натрупањето на руските војници на границата со Украина.

Шолц и Бајден веќе имаа онлајн средба во четвртокот за време виртуелниот „Самит за демократија“, што беше организиран од американскиот претседател.