Бајден го потпиша законот за транспарентност за потеклото на пандемијата на корона вирусот


Американскиот претседател Џо Бајден доцна синоќа изјави дека потпишал закон со кој се дозволува декласификација на документите за потеклото на пандемијата на корона вирусот што првпат се појави во Кина.

„Треба да дојдеме до потеклото на пандемијата на корона вирусот за подобро да ги спречиме идните пандемии. Мојата администрација ќе декласифицира и ќе објави што е можно повеќе информации, истовремено почитувајќи ја националната безбедност“, рече Бајден.

Законот неодамна беше едногласно усвоен и во Претставничкиот дом и во Сенатот.

Законот му наложува на националниот директор за разузнавање да открие разузнавачки информации поврзани со Kинескиот институт за вирологија во Вухан.

Тој, исто така, наложува објавување податоци за истражување спроведено пред избувнувањето на пандемијата, но ѝ дозволува на владата да задржи одредени информации од јавноста поради заштита на националната безбедност или да ги заштити методите и изворите на собирање податоци.