Бајден го искористи Супербоул за да започне кампања на ТикТок, загрижен дел од Конгресот


Претседателот на Комитетот за разузнавање на Сенатот на САД и висок демократ изјави дека е загрижен поради одлуката на предизборниот тим на претседателот Џо Бајден да се приклучи на ТикТок. Во неделата, кампањата на Бајден го искористи Супербоул за да отвори нова сметка на ТикТок, со надеж дека ќе допре до младите гласачи пред претседателските избори во ноември.

Започнувањето на кампањата на ТикТок се сметаше за проблематично од некои членови на Конгресот, имајќи предвид дека апликацијата, која е во сопственост на кинеската технолошка компанија ByteDance, е под инспекција во САД за потенцијални закани за националната безбедност. Некои американски законодавци побараа да се забрани апликацијата поради загриженоста дека кинеската влада би можела да добие пристап до податоците на корисниците или да влијае на содржината што им се сервира на корисниците во апликацијата.

ТикТок е забранет на официјалните мобилни телефони на државните службеници

Вчера, демократскиот сенатор Марк Ворнер рече дека е загрижен за импликациите за националната безбедност.

„Мислам дека сè уште треба да најдеме начин да ја следиме Индија, која го забрани ТикТок“, рече Ворнер. „Малку сум загрижен поради измешаната порака.

Голем број републикански пратеници, исто така, ја критикуваа одлуката на кампањата да се приклучи на ТикТок. Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека ништо не е променето во врска со „загриженоста за националната безбедност за употребата на ТикТок на владините уреди“. „Таа политика сè уште е на сила“, рече тој.

Минатата година, администрацијата на Бајден им нареди на владините агенции да го отстранат ТикТок од телефоните и уредите во сопственост на федералната влада. ТикТок тврди дека нема да ги споделува податоците на американските корисници со кинеската влада и презел значителни мерки за заштита на приватноста на своите корисници. Компанијата не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за кампањата на Бајден.

Тим на кампањата: Преземаме напредни безбедносни мерки

Кампањата на Бајден во соопштение рече дека „ќе продолжи да допира до гласачите таму каде што се“, вклучително и други апликации за социјални медиуми, како што се Инстаграм на Мета и Трут соушал (Truth Social), основана од поранешниот претседател Доналд Трамп.

Кампањата презема „напредни безбедносни мерки“ за своите уреди и нејзиното присуство на ТикТок беше одвоено од тековниот безбедносен преглед на апликацијата, додаде претставник на кампањата. Комитетот за странски инвестиции во Соединетите држави (CFIUS) предводен од Министерството за финансии на САД во март 2023 година побара од кинеските сопственици на ТикТок да ги продадат своите акции или ќе се соочат со можност за забрана на апликацијата, но администрацијата не презеде ништо.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, во понеделникот рече дека прегледот на CFIUS е во тек и истакна дека Белата куќа претходно ја одобрила легислативата воведена од Ворнер и други за да и даде на администрацијата нови алатки за справување со заканите кои претставуваат апликации во странска сопственост.

Минатиот месец, ТикТок го извести Конгресот дека 170 милиони Американци сега ја користат нејзината платформа за кратко видео, што е повеќе од 150 милиони една година порано.