Бајден денеска станува претседател на САД – профил на неговата политичка кариера


Демократот Џо Бајден влезе во трката за Белата куќа обвинувајќи го републиканскиот претседател Доналд Трамп за поттикнување на екстремно десничарско насилство и ветување дека ќе ја добие „битката за душата на Америка“.

Може ли 78-годишен политички ветеран, обележан со трагедии во неговиот приватен живот, да обедини длабоко поделена нација, шокирана од неодамнешниот крвав напад на приврзаниците на Трамп врз Капитол?

По два неуспешни обида за освојување на Белата куќа, предизборната кампања засенета од пандемијата на коронавирусот и победата оспорена од неоснованите обвинувања од неговиот републикански противник, Џо Бајден денеска ќе го оствари својот сон и ќе стане 46. американски претседател.

Тој веќе заработи место во историјата со соборувањето на Доналд Трамп.

Од објавувањето на неговата кандидатура во 2019 година до неговата денешна инаугурација, поранешниот потпретседател на Барак Обама направи се да го отелотвори единството и да го врати мирот по бурното владеење на републиканецот Трамп, кого го обвинува за предизвикување „раздор“ меѓу Американците.

Но, во меѓувреме, длабоките поделби се продлабочија.

Бајден, најстариот претседател во историјата на САД, упорно повикува на единство по насилството во Капитол и се соочува со разорните ефекти од пандемијата.

-Ќе успееме заедно, ветува тој.

„Но, не можеме да го постигнеме тоа во поделена земја“, предупредува исто така.

-Тоа е можно само ако се обединиме како Американци, како соседи, како САД.

Емпатија и гафови

Џо Бајден ја почна својата национална кариера на само 29 години, доживеајќи голема семејна трагедија по неговиот политички триумф.

Во ноември 1972 година го прослави својот избор за американски сенатор, како петти најмлад во историјата, опкружен со пресреќно семејство. Еден месец подоцна, неговата сопруга и ќерката загинаа во сообраќајна несреќа, додека неговите двајца синови беа повредени.

Таа трагедија и смртта на најстариот син во 2015 година ја зголемија неговата емпатија. Сочувството го претвори во негов заштитен знак.

Во 2020 година тој се држи исто гордо како и на почетокот на својата кариера и настапува со истата страст.

Но, тој закоравен политички волк веќе не изгледа толку добро во неговите совршено скроени одела, како на неговиот врв кога беше потпретседател на Барак Обама. Изгледа кревко. И ќелаво.

Тој е склон кон гафови и губење контрола, а некои, дури и меѓу неговите приврзаници, стравуваа дека ќе се сопне, падне, за време на долгата битка со 74-годишниот Доналд Трамп.

Пандемијата, која нагло ја парализираше изборната кампања во март минатата година, го лиши од еден од неговите најсилни адути: директен контакт со гласачите.

Тој строго ги следеше здравствените упатства, така што не беше толку присутен на терен. Тој ја истрча кампањата далеку од гласачите, често избегнувајќи ги новинарите, како што предупредуваа неговите критичари.

Доналд Трамп, кој го нарече „Заспаниот Џо“, се исмејуваше на „детските прашања“ што му ги поставуваа новинарите и не пропушти да ја критикува неговата физичка форма.

Понекогаш неразбирливиот говор на Бајден, резултат на пелтечење во неговата младост, постојано кружеше по профилите на Твитер меѓу приврзаниците на Трамп, а околината отворено го опишуваше како сенилен старец.

Историски пресврт

Поранешната десна рака на Барак Обама стигна до номинацијата на демократите по историскиот пресврт во американската политика.

Според некои премногу стар, за другите исто така во центарот, Бајден најпрво претрпе три болни порази во Ајова, Њу Хемпшир и Невада, за да освои големо мнозинство во Јужна Каролина благодарение на афро-американските гласови, неопходни за секој демократ кој сака да се приклучи на Белата куќа.

На крилјата на таа победа, тој ги нижеше една по друга, брзо добивајќи ја поддршката од другите умерени кандидати и потоа го победи големиот ривал, самопрогласениот социјалист Берни Сандерс.

Наспроти тешката и долга битка во 2016 година меѓу Сандерс и Хилари Клинтон, Бајден успеа брзо да го собере левото крило на партијата, водејќи се од истата цел: да го порази Доналд Трамп.

Не сум злопамтило

Бајден беше избран за претседател во третиот обид, откако не успеа во демократските прелиминарни избори во 1988 и 2008 година.

Сенатор повеќе од 35 години (1973-2009), а потоа потпретседател од 2009 до 2017 година, Бајден со децении е дел од естаблишментот во Вашингтон.

Неговата политичка кариера е долга, полна со контроверзни епизоди, но и успеси со кои со задоволство се фали.

Во 70-тите години на минатиот век, во екот на борбата против сегрегацијата, тој се спротивстави на политиката за транспорт на црни деца со автобус во претежно бели училишта за да се поттикне нивното мешање.

Ова во тоа време им одговараше на белите гласачи во Делавер, но подоцна тоа му се одмазди, на пример кога сенаторката Камала Харис, тогаш неговиот предизборен ривал, му замери среде телевизиска дебата. Таа тогаш истакна дека „не е злопамтило“. Бајден, сепак, ја избра за свој потпретседател. Харис е првата афро-американска потпретседателка во историјата на САД. Мајка и има индиско потекло.

Популарен меѓу афроамериканците, Бајден на свооите политички почетоци се залагаше за изградба на социјални станови. И тој често посочува како искуството на наставник по пливање во претежно црно маало му помогнало во неговата политичка кариера.

Постојат и други епизоди што ја оптоварија неговата кампања за Белата куќа: неговиот глас за војната во Ирак во 2003 година и поддршката за казнениот законик од 1994 година, за кој се смета дека е одговорен за големото зголемување на бројот на затовреници во затворите, претежно Афроамериканци.

„Грешка“, признава Бајден денеска, инсистирајќи на друг аспект на таа голема реформа – законот против насилство врз жените, со кој тој е „многу горд“.

Во 2017 година, тој се здружи со неговата „голема пријателка“ Лејди Гага против сексуалното злоставување. Таа денеска ќе му пее на инаугурацијата, заедно со латино дивата Џенифер Лопез.

Влегувајќи во Белата куќа на Барак Обама во екот на финансиската криза, поранешниот сенатор работеше на усвојување на голем план за заштеда на економијата од 800 милијарди долари. Тој е среќен што го истакна ова за да докаже дека може повторно да започне економија што е во голема криза поради пандемија.

Дете од Скрантон

Џозеф Робинет Бајден џуниор е роден на 20 ноември 1942 година во Скрантон, Пенсилванија. Овој рударски и индустриски град помина низ тежок период во 1950-тите. Неговиот татко барал работа во соседниот Делавер, а потоа целото семејство го преселил во Вилмингтон. Тогаш Џо Бајден имал десет години. Тој го претвори тој град во своја база.

-Татко ми секогаш велеше: шампионе, големината на човекот не се мери по тоа колку пати е соборен на земја, туку со тоа колку време му треба да застане на нозе , често се сеќава тој.

Пенсилванија беше клучна за изборната победа. „Живеам во Делавер, но јас сум син на Пенсилванија, роден во Скрантон“, истакна тој во кампањата.

Трагедија во семејството

Бајден е многу приврзан за своето семејство. Во 2015 година, неговиот најстар син Бо Бајден почина од рак на мозокот. Тој често зборува за тоа со тага. Затоа не се кандидираше на претседателските избори во 2016 година.

Тој секогаш го бранеше својот син Хантер, кој е честа мета на напади на Републиканците. Трамп дури се обиде да ископа компромитирачки информации против него во Украина, поради што демократите го обвинија за притисок врз Киев и за првпат го отповикаа во Претставничкиот дом.

Католик горд на своите ирски корени, Бајден ја посетува малата црква Св. Јосиф во Вилмингтон.

Во јануари минатата година, тој за својот покоен син Бо кажа „се будам секое утро и се прашувам дали си горд на мене?“ (Хина)