Бахус: ОН бараат независна истрага за силувањата во Украина


САД – ОН бараат независна истрага за силувањата и сексуалното насилство во војната на Москва во Украина, по извештаите дека се повеќе цивили биле цел на руските војници.

-Слушаме сè повеќе за силувања и сексуално насилство. Овие наводи мора независно да се истражат за да се обезбеди правда и одговорност, кажа извршната директорка на ОН за правата на жените, Сима Бахус, на брифинг на Советот за безбедност на ОН доцна синоќа.

„Комбинацијата на масовно раселување со големо присуство на регрути и платеници, и бруталноста што може да се види врз украинските цивили, е знак на тревога“, додаде таа.

Во меѓувреме, Људмила Денисова, комесарката за човекови права на украинскиот Парламент, изјави дека руски војници силувале малолетници. Денисова ги повика Обединетите нации да ги истражат овие и други воени злосторства.

Шефот на воената управа на Кривој Рог, Олександр Вилкул, исто така, извести дека биле силувани Украинки, кажувајќи дека меѓу жртвите во областа Херсон има 16-годишна жена и 78-годишна жена.

Групите за човекови права како Хјуман рајтс воч (ХРВ) и Амнести интернешенел, исто така, ја обвинија руската војска за воени злосторства, за егзекуции и за грабежи во Украина.

Во извештај на ХРВ се наведува дека 31-годишната жена била неколку пати силувана од војник во училиште во близина на регионот Харков. Амнести, пак, јави дека руски војници пукале во невооружени цивили во нивните домови или на улиците, повикувајќи се на украински сведоци. Во еден случај, една жена била силувана неколку пати откако нејзиниот сопруг бил убиен.