Бахамите ги затворија границите за американските туристи

Бахами – Бахамите ќе го забранат пристигнувањето на американски посетители по неодамнешното зголемување на бројот на случаи со Ковид-19 во САД, соопштија надлежните власти во оваа земја.

Би-Би-Си јави дека карипската нација на почетокот на јули повторно почна да  ги подотвора своите граници.

Премиерот Хуберт Минис вчера изјави дека, за жал, состојбата повторно им се влошила откако ја отвориле домашната економија.

– Откако ги отворивме нашите меѓународни граници состојбата се влоши со експоненцијална стапка, рече Минис.

Министерството за здравство потврди вкупно 153 случаи на Ковид-19, од кои 49 се регистрирани откако границите беа отворени на 1 јули.

Бахами до среда ќе ги забрани сите меѓународни трговски летови и бродови, со исклучок на комерцијалните летови од Велика Британија, Канада и ЕУ.

Сите посетители, вклучувајќи ги и државјаните кои се враќаат на островите, ќе мора да покажат негативен тест на Ковид-19.

Американците кои во моментов се наоѓаат на Бахамите ќе можат да отпатуваат во својата земја, но на новите туристи нема да им биде дозволено да влезат.