Бадник одбележан во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје
Бадникарски поворки со златни ѕвезди кои ги носеа деца се слеаја од цело Скопје пред соборниот храм. Беше подигнато бадникарското знаме
Верскиот празник Бадник, ден пред Христовото раѓање, Божик, беше одбележан денеска во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Традиционалниот настан започна со химна и подигнување на бадникарско знаме. Свештени лица извршија осветување на бадникови гранчиња, но и на кумовата погача, што подоцна беше поделена помеѓу присутните. Беше примопредаден и бадникарскиот ќуп.
Пред присутните се обратија минатогодишниот бадникарски кум Божидар Јанковски, новиот кум Радомир Макеларски и здравичарот меѓу бадникарите, Атанас Петров, како и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
„Живееме во времиња на бурна демократија. Да се потрудиме на новите генерации да им овозможиме подобра иднина. А вие, избраните претставници од народот, во општините и Градот, потрудете се да го направиме ова наше Скопје уште поубаво и посреќно место на живеење“, порача Петров.
Градоначалникот Герасимовски рече дека празниците зближуваат и посака убави празнични денови со спокој, љубов и благосостојба.
„Да се обединиме, да правиме добри дела и да сме солидарни со оние, на кои сме им потребни. Да ја чуваме традицијата што обединува и да ја пренесуваме на идните генерации“, истакна Герасимовски.
Во своето обраќање, Макеларски рече дека бадникарскиот ќуп е голем трофеј за него и неговото семејство, ќупот не се купува, но, не се ни продава.
„Од ова место, сакам на сите, без разлика на вера и националност, да им порачам, да се сплотиме сите заедно, да живееме во слога и мир“, нагласи новиот бадникарски кум.
Кумот традиционално доаѓа и си оди со зурли и тапани, со пајтон, со што, како што беше кажано, се почитува пајтонот како заштитен знак на старо Скопје.
Фото: Б. Грданоски