Бачев бара на врвните функции да бидат само Македонци


Денеска караванот на Единствена Македонија и коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“ е во Росоман, Кавадарци и Неготино. Претседателот на Единствена македонија, Јанко Бачев, изјави дека бил задоволен оти граѓаните „масовно ја прифаќаат нашата платформа и нашите идеи во оваа изборна кампања“.

Тој ја претстави платформата „Битка за Македонија“ во која има 10 стратешки определби со која народот треба да си ја врател државата назад. „Овие определби укажуваат на тоа дека ние ќе ги поништиме антимакедонските договори со Грција и Бугарија. Ќе направиме реален попис бидејќи ние мора да се преброиме, бидејќи пописот од 2002 е фалсификуван со кој што Албанците лажно беа прикажани дека се 25,17 отсто. Исто така Македонија ќе ја уредиме како национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на сите национални малцинства во државата. Службен јазик во РМ ќе биде македонскиот со неговото кирилско писмо и за таа цел се поништи и Законот за двојазичност.

Ние се залагаме во иднина, највисоките три државни функции, претседател на владата, претседател на државата, претседател на Собранието да ги води Македонец и православен. Да не бидам погрешно разбран ова не е некој шовинистички излив – на сите останати функции на власта можат да бидат и Турци, Албанци, Власи, Срби, Бошњаци сите останати малцинства“, рече Бачев.

Тој уште рече дека воведеле минимум 10 години затвор за кражба за буџетски пари, а „сериозно“ размислувале да ја вратат и смртната казна за сторени тешки дела против народниот имот.