Азиските берзи во длабок минус, кризата со царините се продлабочува


 Акциите на берзите во Азија денеска бележеат остар пад со што се продлабочува глобалната берзанска криза предизвикана од трговската војна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Тргувањето на јужнокорејската берза беше запрено на пет минути, бидејќи беше активиран прекинувачот за тргување дизајниран да спречи панично продавање.

Јапонскиот индекс Nikkei потона на почетокот на тргувањето на берзата во Токио за повеќе од осум отсто. Тој индекс, што вклучува 225 од највредните компании во земјата, падна под нивото од 33.000 за првпат од август 2024 година.

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денеска изјави дека неговата влада ќе продолжи да бара од претседателот Трамп да ги намали царините за Јапонија, но призна дека резултатите „нема да дојдат преку ноќ“.

– Владата мора да ги преземе сите расположливи средства за да го ублажи економскиот удар на американските царини, како што е давање поддршка за финансирање на домашните компании и преземање мерки за заштита на работните места, рече Ишиба во јапонскиот Парламент.

Трамп минатата среда воведе општа царина од 24 отсто за Јапонија, инаку сојузник во договорот за одбрана.

Јужнокорејскиот индекс Коспи падна за повеќе од 4,8 отсто кратко по отворањето, а тргувањето беше запрено на пет минути кога беше активиран прекинувачот за тргување дизајниран да спречи панично продавање.

Тајванскиот индекс Taiex падна за повеќе од 9,7 отсто по отворањето. Тргувањето беше прекинато на одредено време со акциите на две од водечките извозни компании во Тајван, TSMC и Foxconn, откако нивните цени потонаа за речиси 10 отсто.

Австралискиот берзански индекс ASX 200 падна за 6,3 отсто во утринската трговија, а новозеландскиот NZX 50 загуби уште 3,5 отсто.

Цените на акциите во Хонг Конг и Кина, исто така, паднаа денеска – индексот Ханг Сенг во Хонг Конг падна за осум отсто во почетокот на тргувањето, а акциите на онлајн гигантите Алибаба и Тенсент паднаа за повеќе од отсто отсто.

Кинескиот индекс CSI300 падна за 4,5 отсто. Кина се соочува со американски царини од над 50 проценти.

Азиските пазари ги следат најлошите дводневни перформанси на акциите на Волстрит во последните пет години. Покрај бришењето на американските акции во вредност од речиси шест трилиони долари во четвртокот и петокот, фјучерсите на американските акции паднаа и синоќа.

Американскиот индекс S&P 500 падна за 17 отсто од рекордното ниво во петокот, а доколку падне за 20 отсто под рекордното ниво, влегува во „мечкин пазар“, што е застрашувачки знак за инвеститорите, а можеби и за пошироката економија.

Продолжувањето на хаосот на берзите следеше откако американскиот претседател Доналд Трамп синоќа пред новинарите изјави дека „не сака ништо да падне, но понекогаш треба да пиете лекови за да поправите нешто“, а исто така рече дека нема да склучи договор со Кина додека не се реши трговскиот дефицит на САД.