Азиските берзи го следат падот на Волстрит


На азиските берзи цените на акциите денеска паднаа, најмногу во технолошкиот сектор, како и на Волстрит претходниот ден, додека вредноста на доларот во однос на кошницата валути значително порасна.

МСЦИ индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во минус од 0,6 отсто во 7 часот наутро, но сè уште е на пат за неделна добивка од околу 1 отсто.

Утрово јапонскиот индекс Никеи загуби 0,1 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја и Хонг Конг се лизнаа меѓу 0,2 и 1,7 отсто. Во Австралија, пак, тие благо се зголемија. Така, повеќето азиски пазари го следат вчерашниот пад на С&П 500 на Волстрит, како и на индексот Насдак.

На самиот почеток на вчерашното тргување продолжи повеќедневното поскапување на акциите на технолошките компании, па С&П 500 за прв пат во историјата се проби над нивото од 5.500 поени.

Но подоцна, акциите на технолошките гиганти паднаа, па така и С&П 500 и Насдак индексот се лизнаа од рекордното ниво до крајот на денот. Меѓу другото, цената на акцијата на Нвидиа падна за 3,5 отсто.

Благодарение на еуфоријата во врска со развојот на вештачката интелигенција, цената на акциите на Нвидиа скокна за повеќе од 170 отсто од почетокот на годината, па така пазарната вредност на компанијата надмина 3.200 милијарди долари.

Така, на почетокот на неделата тој производител на чипови стана најголемата светска компанија по пазарна капитализација, престигнувајќи го Мајкрософт.

На валутните пазари раст на доларот 

На валутните пазари, пак, вредноста на доларот во однос на кошничката на валути значително се зголеми, па доларот трета недела по ред е на пат кон благ неделен раст.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 105,66 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 105,23 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 158,10 на 159,05 јени. И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0710 долари, додека вчера во ова време беше 1,0745 долари.

Зајакнувањето на доларот е благодарение на проценките дека американската ФЕД ќе ги задржи каматните стапки на покачени нивоа подолго од централните банки во Европа.

Мал пад на цените на нафтата 

Швајцарската централна банка вчера по втор пат ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, а иако британската централна банка ги остави каматните стапки непроменети, се очекува наскоро да ја намали и цената на парите.

Цените на нафтата, пак, загубија дел од вчерашните добивки. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово ослабе за 0,11 отсто, на 85,60 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,10 отсто, на 81,20 долари.