Азиски берзи: Индексите во пад на почетокот на неделата


На азиските берзи во понеделникот цените на акциите паднаа, со слаб обем на тргување бидејќи некои земји во регионот не работат поради празниците, додека вредноста на доларот во однос на кошницата валути повторно се приближува на највисокото ниво во последните 20 години .
Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI, без јапонскиот, околу 19 часот беше околу 0,5 отсто.

На токиската берза индексот Никеи зајакна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Австралија се лизнаа меѓу 0,4 и 1,4 отсто. Во Шангај, Хонг Конг, Сингапур и Тајван денеска нема работа поради празниците.

Азиските берзи го следеа падот на цените на акциите на Волстрит во петокот, најмногу поради големиот пад во технолошкиот сектор, вклучувајќи ги „Амазон“ и Епл“.

Инвеститорите беа разочарани и од податоците, објавени во текот на викендот, за остриот пад на индустриската активност во Кина во април. Официјалниот PMI индекс се лизна втор месец по ред, од 49,5 на 47,4 поени, а секое движење на тој индекс под 50 поени укажува на пад на активноста.

Ова е уште еден во низата неодамнешни податоци кои покажуваат дека растот на кинеската економија забавува поради ширењето на коронавирусот.

Како резултат на тоа, Шангај и некои други градови се „затворени“ со недели, а делови од Пекинг се „затвораат“.

„Омикрон и политиката на „нулта толеранција“ на коронавирусот се главните причини за падот на активноста во април бидејќи го ослабеа индустриското производство и ги нарушија синџирите на снабдување. Затоа, реално е да се очекува дека кинеската економија нагло ќе забави во вториот квартал, а потоа и светската економија“, пишуваат аналитичарите на Националната австралиска банка, осврнувајќи се на состојбите на пазарите.

Инвеститорите се внимателни и поради фактот што оваа недела се одржува редовна седница на Федералните резерви на САД.

По огромните фискални и монетарни мерки насочени кон поддршка на економијата во кризата со корона, инфлацијата во САД го достигна највисокото ниво во последните 40 години.

Како резултат на тоа, ФЕД ги зголеми каматните стапки за прв пат од 2018 година, за 0,25 процентни поени, во март, и веројатно ќе ги зголеми за дополнителни 0,50 процентни поени во мај.

Се очекува ФЕД агресивно да ја заостри монетарната политика во наредните месеци, што би можело дополнително да ја забави економијата.

Минатата недела беше објавено дека бруто домашниот производ (БДП) на САД падна за 0,4 отсто во првиот квартал од претходниот квартал, што е прв пад од почетокот на кризата со коронавирусот пред две години.

Вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути порасна и утринава, откако минатата недела порасна за 1,75 отсто и во еден момент го достигна највисокото ниво од 2002 година.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на САД во однос на другите шест главни светски валути, се движи околу 103,35 поени, блиску до највисокото ниво во последните 20 години, додека во петокот вечерта изнесуваше 102,94 поени.

Курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од 129,70 на 130,15 јени.

Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0515 долари, додека во петокот вечерта беше 1,0550 долари.

Доларот е поддржан од најавите за агресивно зголемување на каматните стапки на ФЕД и нестабилност на финансиските пазари, што доведе многу инвеститори да бараат побезбедно засолниште за капиталот.

Цените на нафтата, пак, паднаа по благиот раст минатата недела. Цената на барелот на лондонскиот пазар се лизна за 0,51 отсто на 106,60 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 0,34 отсто на 104,33 долари.