Азески во посета на Бугарија на разговори за инфраструктурата и отстранување на трговските бариери


Потпретседателот на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Бугарија.

Како што соопшти Стопанската комора, тој ќе се сретне со раководството на Бугарската стопанска комора (БТПП-Бугарска трговско-индустриска палата) и ќе разговара за инфраструктурното поврзување, зголемувањето на размената и отстранување на трговските бариери. Тема на разговор ќе бидат и конекциите со КИФ, кој го претставува приватниот бизнис-сектор во земјите од Западен Балкан.

-Коридорот 8, еден од десетте паневропски транспортни коридори кој го поврзува Црното и Јадранското Море (1350 км), исто така ќе биде во фокусот на разговорите, соопшти Комората.

Наведува дека во првите седум месеци од оваа година, трговската размена помеѓу двете земји достигна ниво од 531,1 милиони американски долари.

-Нашиот извоз изнесува 239,8 милиони долари, а увозот 291,2 милиони долари. Република Бугарија е шестиот трговски партнер на нашата земја. Во 2022 година првпат достигнавме вкупна трговска размена од 1,8 милијарда американски долари, информира Стопанската комора.