Азески: Срамно е кога ќе одиме во Брисел, да кажеме дека 20 години немаме попис
Како држава, не можеме да речеме дека ги преземавме најдобрите можни мерки во однос на кризата, но не потфрливме. Ако резимираме, и државата и приватниот сектор и сите останати институции не беа на највисоко ниво, но држеа солидна кондиција за да може да се преброди Ковид-пандемијата барем засега. Државата навистина помогна во тоа што можеше, се задржа структурата на бизнисот и тоа е факт, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во интервју за МИА.
Според него, кризата што ја предизвика Ковид ќе има последици уште најмалку 10 години. Тој период треба да го искористиме за целосно реструктуирање на стопанството.
-Дека ќе доживееме некој нагласен скок заради бројките што ќе се појават во првите два квартала од 2021 година, не. Тоа нема да биде. Ние сме свесни дека оваа трпеза треба дебело да се плати и таа ќе биде веројатно пресметана кога ќе заврши пандемијата, нагласува Азески.
Критичен ќе биде моментот, оценува, кога ќе почне да престанува државната помош. Тогаш ќе треба да се поддржат успешните компании, а такви имаме околу 300 – 500, способни да влечат напред. За нив ќе треба да се креира посебен фонд, но под посебни услови – користење нови технологии и иновативни, инвестициски решенија.
Бизнис заедницата сака владеење на правото, вистинска, функционална децентрализација и стабилен Парламент, а не избори на секои чекори години. Клучна е и предвидливоста, а попис мора да се спроведе, дециден е претседателот на најстарото коморско здружување.
-Не може сериозна држава 20 години да нема попис. Пописот ни треба не само за да се преброиме по националност или семејства, туку заради економските импликатори. Не може да се направи никаква економска прогноза, ако се немаат базичните, основни бројки. Треба да видиме зашто беше прекинат претходниот попис, да не се повтори тоа искуство. На меѓунационален план кај нас се е можно. Не сакаме ситуација на какво било пролонгирање на пописот. Попишувањето мора да се спроведе и тоа треба да биде приоритет. Срамно е кога ќе одиме во Брисел, да кажеме дека 20 години немаме попис, подвлекува Азески.
Тој зборува и за ризиците во пост-ковид периодот, за влијанието на политичките случувања врз бизнисот, за потребата од нови пазари, но и за нужноста од преструктуирање на бизнис заедницата која би требало, како што вели, да излегува со сериозни анализи, решенија и закони, наместо да чека и да биде рушена на процедурите.
Азески се осврнува и на неговата нова книга „„Една слика, 1000 зборови“, во која, меѓу другото, го исмејува општеството.
Целосното интервју на МИА со Бранко Азески ќе биде објавено утре.
2020-12-25 09:32:43, од Мир