Азески: Спречување на одливот на мозоци и поддршка на извозот се двата проекта на кои ќе работи Комората


Од 2005 г. до денес, кога работиме во услови на коморски плурализам, сме издале 201.667 документи од Бизнис-канцеларијата (сертификати за потеклото, АТА-карнети, потврди, препораки и мислења); сме организирале 6.732 настани, бизнис-форуми, конференции и презентации, на кои учествувале 198.302 претставници од компаниите; сме имале 1.552 меѓународни активности и сме издале 952 електронски брошури и публикации, а повеќе од 280 компании сме сертифицирале со меѓународно признание – стандарди за квалитет (ISO 9001, ISO 14001, ISO 22000, HALAL, HACCP). Комората, исто така, била домаќин на повеќе од 200 странски делегации“, изјави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, кој беше во улога на гостин во поткастот, во последната епизода од првата сезона на „Бизнис-клуб“.

Во разговорот тој ги спомна и институциите што настанале во Комората во периодот од 2005 година до денес: Центарот за едукација, Советот на странски инвеститори, Националниот совет за извоз, Институтот за извоз, Клубот на извозници, Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обукитe, Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања, Центарот за циркуларна економија, Клубот 100, Бизнис-клубот „Европа“, Центарот за микро, мали и средни претпријатија и ТИМ 40, кои се формирани со цел подобрување на бизнис-амбиентот во земјава.

„Приходите пораснаа од 32 милиони денари во 2005 година на 110 милиони денари во 2024 година, а создадена е и база на професионалци кои ќе работат следниве 10 години“, потенцираше Азески.

Азески ги изнесе двата проекта на кои ќе се фокусира Комората во наредниот период, а тоа се: спречување на одливот на мозоци од нашата земја и поддршка на извозот, што ќе придонесе за задржување на кадарот во земјава.