Азески му пишува на Ковачевски: Бизнис заедницата плаќа даноци и треба да биде консултирана

Неопходен е договор за уредување на односите меѓу јавниот и приватниот сектор, со кој ќе се регулираат исклучително важни релации, вели Азески


 

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во отворено писмо до премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш повикува на склучување на договор меѓу јавниот и приватниот сектор, и на задолжителната консултација на бизнисот при донесувањето на законите, но и се жали дека поради непотпишување програма од страна на државата, Комората не може да користи европски средства за енергетска ефикасност.

Азески посочува дека активностите на Комората кон евроатлантските интеграции се одвиваат со несмалено темпо.

„Нам ни е сосема јасно дека политичките елити можат да го кочат тој процес, но не и нас, кои и технички и професионално мораме да ги завршуваме работите навреме“, вели Азески.

Првиот човек на комората, вели дека тргнувајќи од премисата дека бизнис-заедницата е значаен фактор во создавањето на БДП, во плаќањата на даноците, во вработувањето и во создавањето нови работни места; согледувајќи ја потребата од поддршка и од јакнење на претприемништвото, реиндустријализацијата и на конкурентноста; воочувајќи дека прашањата со правосудниот систем, администрацијата и со кадарот се од клучна важност за поттикнување на економскиот раст и развој, предлага да се склучи договор за уредување на односите меѓу јавниот и приватниот сектор, со кој ќе се регулираат исклучително важни релации.

„Во него би биле застапени задолжителната консултација на бизнисот при донесувањето на законските и на подзаконските акти, развивањето модел на економски развој, подигнувањето на квалитетот на јавната администрација, на социјалното партнерство и на трипартитниот дијалог и подобрувањето на состојбите во правосудството. Јас не сум идеалист, ниту, пак, сум приврзаник на теоријата дека бизнисот е сѐ. Јас само верувам дека можеме да се обидеме да го направиме ваквиот чекор зашто тој е неминовен“, посочува Азески.

Тој додава дека глобализацијата е маркетиншка алатка за големите земји и корпорации, кои ја користат идеологијата на слободниот пазар за да влезат во нови земји и за да освојат нови пазари.

„Соработката меѓу нас е нужност и е во интерес на државата, а тоа, се разбира, повлекува и повеќе одговорности“, порачува Азески, додавајќи дека верува во таков договор.

„Верувам во знаење и во ревносно работење, но работењето 24 часа на ден од личните идеи и знаења не е доволно. Тоа се приказни за мали деца. За успех се потребни инфраструктура, политичка волја и институционален капацитет. Ајде заедно и да ги изградиме!“, вели Азески во писмот до Ковачевски.

Тој му се пожали на Ковачевски и дека Комората не може да реализира проекти за енергетска ефикасност вредни неколку милиони евра. 

„Јас се извинувам што упорно ја користам јавноста, а не нашата лична комуникација, затоа што ценам дека преку тоа ги анимираме нашите компании спрема европските програми, што за мене како претседател на најстарата и најголема бизнис-асоцијација во државата е од исклучителна важност“, вели Азески во писмото до премиерот Ковачевски.

Тој вели дека пред една година прашал што се случува со европската програма „Лајф“.

„Сега Ве информирам дека сѐ уште не е потпишана“, вели Азески и додава дека Стопанската комора веќе добила два проекта од програмата „Лајф“, во вредност поголема од два и пол милиони евра, во областа на енергетската ефикасност, од кои едниот е национално поврзан со активностите кои треба да ги дефинираат новите цели за енергетска ефикасност до 2050 година.

Европска програма „Лајф“, една од клучните европски програми за финансирање на климатските промени, енергетската ефикасност, на транзицијата кон чиста енергија, циркуларната економија и на природата на биодиверзитетот.

„Оваа програма е исклучително важна и за реализирање на преговарачкиот процес, во кој цел еден кластер два им е посветен на зелената агенда и на одржливата поврзаност и е од исклучително значење за македонските компании, бидејќи примената, која ќе се цени на крајот на денот, значително ќе ги намали финансиските импликации поврзани со нивната примена“, вели Азески во отвореното писмо до премиерот Ковачевски.