Азески побарал помош од турската комора за транспортот на стоки кон и од Турција


Фото: Б. Грданоски

Забраната што ја воведоа турските власти за влез на македонски транспортери, како дел од тамошните мерки за заштита од корона вирусот, сериозно ги погодува нашите компании кои вршат извоз и увоз во и преку Турција за азиските пазари, соопшти Стопанската комора на Македонија.
Поради тоа, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески вчера со писмен допис се обратил до неговиот колега, претседателот на Унијата на комори и стокови берзи на Турција, Рифат Хисарчиклиоглу и го замолил во рамките на неговите овластувања да се заложи за надминување на постојниот проблем.
„Целта е да им се помогне на македонските транспортери и да им се овозможи слободен проток на стоки меѓу нашите две земји“, информира Стопанската комора

Од оваа асоцијација на стопанствениците известија дека е формиран Кризен штаб што ќе функционира додека трае вонредната состојба во земјава воведена поради корона вирусот.

Целта е, како што соопшти комората, уште поголема поддршка на компаниите преку обезбедување континуирана достапност на информации и преземање активности за полесно пребродување на кризната ситуација.

„На интернет страницата на Стопанската комора на Македонија компаниите можат да најдат бројни корисни информации важни за оперативното работење во тековните околности, информации за уредби, одлуки и препораки усвоени од Владата и други надлежни органи, интерни информации со прашања кои ги покренуваат компании-членки и информации од регионот, особено од Коморскиот инвестициски форум. На интернет страницата на Стопанската комора на Македонија ќе бидат наведени и дежурни контакт лица со контакт информации“, стои во соопштението