Азески на средба со претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ


Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, денеска ќе ја прими претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, со која ќе разговараат за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави.

Како што информираат од комората, како значаен сервис на стопанството, посветени на создавањето поповолен бизнис и на промовирањето економски капацитет и потенцијал за меѓусебна соработка, коморите од Северна Македонија и од Република Српска имаат потенцијал за интензивирање на трговската размена и за заеднички настап и за освојување трети пазари, а можностите се особено значајни во рамки на регионот на Западен Балкан.

Во соработката со Република Српска, посочуваат од комората, особено значаен придонес има компанијата „Пекабеско“ со својата производствена програма, но и другите македонски компании од прехранбениот сектор.

Во структурата на размената на Северна Македонија со Босна и Херцеговина се евидентира суфицит во размената на македонска страна, кој за седумте месеци од 2021 година, споредено со истиот период во 2020 година е зголемен за 154,54 проценти. Босна и Херцеговина е 25. трговски партнер на РС Македонија во периодот јануари – јули 2021 година. На страната на извозот од Северна Македонија доминираат другите заварени цевки, лековите (кои се подготвени во измерени дози или во форми или пакувања за малопродажба), кварцот (освен природниот песок и кварцитот), плоснатоваланите производи од железо или од нелегиран челик (неплатинирани или необложени, необработувани повеќе од топловаланите), колбасите и сличните производи од месо, како и виното од свежо грозје (освен пенливото вино) и ширата со спречена ферментација со додавање алкохол.

Од Босна и Херцеговина најмногу увезуваме млеко и павлака со содржина на масти над 1 до 6 отсто од маса, месо и други производи.

Во рамки на дневните деловни активности, Азески ќе ја посети и компанијата „Реплек“, при што од извршниот директор Душан Пецовски ќе се запознае со тековната состојба и развојните планови на компанијата.