Азески на средба со бизнис жените: Треба сите да ги засукаме ракавите


Сите да ги засукаме ракавите, да се обединиме во нова алијанса за поддршка на државата и справување со мулти кризата, а акцентот да сетави на неколку приоритети: образованието, администрацијата, дигитализацијата на процесите на министерствата во една целина и решавање на проблемот со корупцијата. Ова е заклучокот од денешната средба на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески со бизнис жените сопственици на компании – членки на Комората.

На средбата, како што соопшти Комората, се разговарало исклучително за „сериозната економска состојба која добива размери на мулти криза, за непредвидливоста и неизвесноста кои се резултат на глобалните случувања“.

-Активностите кои сега би се преземале може да помогнат во интервентно надминување на состојбите што секој ден како нови проблеми се појавуваат во работењето на компаниите, но структурното поставување на промените во државата ќе бидат основа за сериозно и правилно справување со криза во некои следни периоди, наведува Комората.

Изминатите 10-тина дена стручната служба на Комората искомуницирала над 160 компании.

-Тие укажуваат на големата неизвесност и на проблемите поради драстичниот раст на цените на градежните материјали на глобално ниво кои се менуваат секојдневно, а тоа го доведува во прашање склучувањето и реализацијата на договорите за јавни набавки, укажуваат на проблемот со енергенсите и сложените постапки за инвестирање во фотоволтаици. Поради технички пропусти кои не зависат од компаниите во реализација на обврските се активираат меници на компании кои аплицирале за финансиска поддршка во рамки на Јавниот повик за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во текот и во пост КОВИД 19 периодот објавен од Министерството за економија, информира Стопанската комора.

Се бара, додава, и поддршка за замрзнување или одлагање на каматните побарувања по примерот на КОВИД кризата, да се укинат сите ограничувања во однос на сертификатите за слободна посета на угостителските објекти (ПЦР тестови за странски туристи за влез во државата за да се поттикне раст во секторот туризам и угостителство и во повеќе врзани сектори на кои туризмот има директен и индиректен позитивен ефект).

Итна е и потребата, според компаниите, за корекција на ЗРО за недела неработен ден, намалување на притисокот од интензивните инспекциски контроли кои на места го оптоваруваат и онака сложеното работење и опстојувањето на компаниите,…

-Размислувањата и предлозите на истакнатите жени претприемачи, менаџери на сериозни позиции во македонските компании е од особено значење во вака сложени услови на водење бизнис бидејќи потврдена е улогата и моќта на носење успешни одлуки од жените како бизнис лидери. Тоа го покажува и учеството на жените во структурите и формите на делување на Комората кои се присутни со над 25 проценти и 65 отсто во апаратот на Комората, нагласува Стопанската комора.