Азески: Критичен ќе биде моментот кога ќе престанe државната помош


Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, смета дека критичен момент за македонското стопанство ќе биде кога ќе почне да престанува државната помош. Во интервју за МИА, Азески вели дека како држава, не можеме да речеме дека ги преземавме најдобрите можни мерки, но не потфрливме, како и дека состојбата не е сјајна. Сепак, како што нагласува, имаме предност што во однос на јавниот долг сме во поповолна ситуација од другите земји на Балканот. Азески порачува дека владеењето на правото е клучно, а попис мора да направиме.

„Иако мислевме дека ќе има криза во ликвидноста уште летото зашто нашата економија е поставена проблематично (80 отсто од извозот е во ЕУ, а од тие 80 отсто, 70 проценти одат во Германија и тоа го прави една компанија – „Џонсон Мети“), а дополнително во услови на КОВИД имавме и избори, сепак, издржавме, како да го поминавме сето тоа. Но, сега очекуваме дека кога ќе завршат владините поддршки, ќе дојде до некои нарушувања на ликвидноста. Не може да нема последици“, вели Азески за МИА и додава дека кризата од 2008 година практично никогаш и не заврши и ова може да се смета како дел од неа.

„Кризата нема да заврши брзо, ниту се знае колку ќе трае, а и никој засега не може да предвиди. Сето тоа ги исцрпува светските ресурси и резерви, го отежнува движењето, а тоа е основа за бизнисот. Ако страда бизнисот, ќе страда и стандардот на населението, ќе страдаат развојот и инвестициите. Има предвидувања дека дел од земјите кои имаат посолидна основа, во почетокот на вториот квартал од 2021 година ќе почнат со рестрикции на државната помош и тогаш тие компании што ќе преживеат, ќе треба да го понесат главниот товар. И кај нас има такви. Во топ форма, способни да ги издржат сите предизвици и да опстанат во какви било услови се околу 300 – 500 наши компании од вкупно 90.000 регистрирани (45.000 активни од кои 90 отсто мали и средни претпријатија). Тие всушност ќе ја влечат економијата напред и ќе бидат двигатели на натамошниот развој“, вели Азески.

Тој нагласува дека кај нас има добри компании кои и во време на криза успеаја да ги задржат и извозот и производството.

„Нашите компании се во границите на нашите очекувања – тие што солидно работеа во последните десет години, ќе ја издржат кризата, дури и инвестираат, отвораат работни места, но има и такви сектори и фирми кои ќе платат голема цена“, вели претседателот на најголемата асоцијација на стопанствениците во земјава и додава дека, сепак, и покрај ситуацијата, не се случи некоја од странските инвестиции во земјава да се откаже или да избега, што е позитивно.

Азески нагласува дека ако нема владеење на правото, нема ни раст на бизнисот. Покрај реформите во правосудниот систем, според него клучно ќе биде и решавањето на проблемот со парафискалните давачки, промена на Царинскиот законик, воведување Даночен календар со што однапред ќе се знае по кава процедура ќе се менува оваа алатка која може да предизвика сериозни последици кај фирмите, донесување на законот за холдинг друштва, промени во Законот за извршување кој ја фаворизира државата во однос на приватниот сектор, економска дипломатија која ќе биде ставена во функција на стопанството, докапитализирање на Македонската банка за обнова и развој, но и наследното право кое не е чепнато уште од Југославија, а може да има значителни последици, посебно во аграрот. 

Одговарајќи на прашањето колку време ќе биде потребно а македонската економија да излезе од рецесија Азески вели дека не треба да се очекува дека ќе доживееме некој нагласен скок.

„Ние сме свесни дека оваа трпеза треба дебело да се плати и таа ќе биде веројатно пресметана кога ќе заврши пандемијата. Мислам дека би требало јасно и транспарентно да се каже дека наредните 10 години не треба да се очекува којзнае каков напредок зашто кризата сериозно ќе го подигне нивото на јавниот долг, не само кај нас, туку и на сите околни земји, кај нашите најголеми трговски партнери – Бугарија, Србија, Грција, Албанија, дека никој нема волшебно стапче да ја реши кризата, да ги врати или да му се простат кредитите. Сето тоа покажува дека не можат да постојат лажни ветувања, средување на ситуациата во 2024 или 2025 година, туку ќе потрае и ќе остави сериозни траги. Затоа ние предлагаме тој период да се искористи за тотално реструктуирање на стопанството и да видиме што може да влече, да создава додена вредност“, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во интервју за МИА.