Азески: Економскиот раст ќе биде ревидиран неколку пати, тоа значи тапкање во место


Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во авторски текст се осврнува на економските состојби во земјава и на можностите како да се надмине кризата. 

„Ние бизнисмените имаме еден избор. Тоа е упорноста, упорноста и упорноста. Друг избор немаме, зашто следејќи ги прогнозите за економскиот раст на државата во текот на идната година, сигурни сме само во едно – дека тој неколку пати ќе биде ревидиран. А тоа значи тапкање во место“, вели Азески.

Тој најпрвин поставува прашање има ли кохезија да се пресече македонскиот гордиев јазол при што посочува дека Декларацијата на Комората објавена на денот на стогодишнината и Стратегијата за развој 2022-2042 се почетната основа за разрешување на ова круцијално прашање за постигнување договор помеѓу приватниот и јавниот сектор за изнаоѓање консензус и утврдување приоритети.

„Гледајќи ја актуелната економска ситуација во земјава, како во учебник можат да се издиференцираат неколку работи: прво, големите очекувања на бизнисот дека во текот на зимата ќе заврши украинската криза дефинитивно исчезнаа; второ, големите очекувања на бизнисот дека регионалните иницијативи и политики ќе дадат резултат дефинитивно исчезнаа;
трето, големите очекувања на бизнисот дека на домашен план ќе се постигне консензус околу главните економски приоритети како да спласнуваат“, вели Азески, додавајќи дека ако некој бизнисмен излезе и јавно прозбори за ситуацијата, тоа ќе биде како со крпа избришано, со цитирањата на очекуваните прогнози на странските финансиски институции и домашните предвидувања за растот на БДП, инвестиционата активност и извозот. 

Тој се осврнува и на конференциите, како што е Минхенската безбедносна конференција, „Копаоник бизнис форумот“, но и трибините кои често се одржувата кај нас и имаат бомбастилни наслови, на кои како што вели, за многумина е важно да се биде виден таму, наместо да се решаваат проблемите.

„Какво е размислувањето на секој бизнисмен во Македонија? Неизвесноста ги убива. Економските прогнози ги иритираат. Можниот раст на инфлацијата ги вознемирува. Честото менување на законската регулатива ги докрајчува. Може ли во таква ситуација да се мисли на развојот и инвестициите?“, прашува Азески посочувајќи ги притоа промените на Законот за работни односи, регулативата за одобрување на работни дозволи, солидарниот данок, двојазични декларации, ограничени маржи, блокадите во Собранието, кое како да стана национална дисциплина.

„Наместо да се насочиме кон зголемување на извозот, продуктивноста и додадената вредност, ние трчаме од крај на крај да спречиме донесување на решенија кои само ја усложнуваат позицијата на бизнисот. Додека тоа го правиме, „меѓу нозе“ ни поминува експресниот воз кој со брзина од 30 км/час не носи кон напредните технологии и развојот кој само што не пристигнал“, вели Азески.

На крајот, додава, нормално секој ќе постави прашање: Каде е излезот?

„Излезот е во консензусот и приоритетите. Но, тоа има огромно влијание врз позициите и рејтингот на политичките партии, а тоа пак директно влијае на желбата да се утврдат приоритетите и да се изгради консензусот. Значи, нешто како гордиев јазол. Е па еве шанса по втор пат да се појави некој што ќе го пресече Гордиевиот јазол, ама нема да се вика Александар Македонски. И ако за разрешување на нашиот затворен круг е потребен консензус и приоритет, тоа е подобрување на сите сегменти на владеењето на правото, а и пазарните законитости.
Оваа констатација изнесена илјада пати досега, како да не може да исплива на површина, а најтрагично е тоа што и ние самите бизнисмени не можеме да се доискажеме за да може секој да не сфати што зборуваме“, вели Азески.