Азески: Бизнисот да не чека државата да му обезбеди стручни работници


Фото: Б. Грданоски

 

На стопанството му недостигаат работници, а и тие што ги наоѓа не се квалитетни. Директорите на поголемите компании побараа интервенција од државата. Личен став на претседателот на комората Бранко Азески е да не се чека на државата туку компаниите само да го организираат и финансираат образованието на кадри какви што им требаат.

„Тешко е да се обезбедат оператори, магационери и други работници со средно образование. Мораме да ги увезуваме од соседните општини, но треба да им понудиме или транспорт или трајно доселување во Виница“, рече Глигор Цветанов од „Макпрогрес“ – Виница на панел-дискусијата „Стручен кадар по мерка на бизнисот“ во Стопанската комора на Македонија. Но за внатрешна миграција, наведе, треба да се создадат услови, да се изградат објекти. Смета дека отселувањето не се должи толку на економски мотиви колку на тоа што општеството не соодветствува на потребите на младите кои не гледаат иднина за своите деца, има лошо здравство, загаден воздух и воопшто нема клима за достоинствено живеење.

За Александар Гечев од ИГМ Кавадарци, битно е државата да вложува во развој на човечките ресурси. Смета дека платите не се веќе проблем, зашто тие растат, делумно под притисок на пазарот, а дел под притисок на власта.

„Студентите не се сериозни со праксата. Тоа се должи на домашното воспитување и на квалитетот на професорскиот кадар“, посочи Горан Антевски од „Раде Кончар – ТЕП“. Еден од проблемите е заминувањето на обучениот кадар во друга компанија откако ќе бидат обучени.

„Не можеме да задржиме кадар кога целата ситуација во Македонија, и економска и политичка, е тешка и не одат сите да работат во други држави само за повеќе пари туку и за мир и благосостојба“, кажа Антевски.

Герасим Ванев од „Семос“ наведе дека решение за проблемите на државата не се социјални туку претприемачки политики.

Во моментов 58 отсто од учениците се запишуваат во средно стручно образование а интенција на стопанството е таа бројка да се искачи до 70 проценти.

„Неопходно е образовните програми да ги следат потребите на пазарот на труд, а стопанството да дава сугестии за креирање образовни програми. Најважно е да се обезбеди одржливо финансирање на стручното образование. Ни се случува нереална уписна политика што не ги следи потребите за образование. Од запишаните, 22-23 проценти се во економски и здравствени струки, 4 отсто во земјоделски, 4,5 отсто во угостителски и 0,1 отсто во хемиско-прехранбена струка. Мора да се внимава распоредот на стручните училишта да биде според локалното стопанство“, побара Наташа Јаневска советник во Стопанската комора.

Клучни се вештините, а не знаењето. Учениците треба да научат да размислуваат и да го применуваат знаењето. Никица Мојсовска-Блажевски, главен извршен директор на „Македонија 2025“, истражувач на пазарот на труд и универзитетски професор по економија, укажа на бројките: во август имало 198.000 невработени, според Агенцијата за вработување, од кои 100.000 активно барале работа. Според анкетата на работна сила, 168.000 невработени. Меѓу 15-29 години се 420.000 лица. Нивното учество во вкупната популација опаѓа и за 10 години е намалена за 4 проценти. Од нив, една четвртина се неактивно население – 105.000. Иако ова се големи бројки, Мојсовска-Блажевски рече дека работодавците не можат да најдат соодветен кадар. Оттука и прашањето колку треба да се инвестира во видското образование, а колку во квалитетно средно образование, праша Мојсовска-Блажевски наведувајќи дека 35 отсто од работодавачите сметаат дека оние што имаат завршено високо образование немаат додадена вредност споредено со оние со средно образование. Или само 12 од 100 завршени студенти нашле работа што одговара на нивното образование и вештини. Голем проблем, според неа, е и тоа што на пазарот на труд доминантно се користат неформални канали за барање работници, со препораки, а не преку кариерни центри.

Претседателот на Комората, Бранко Азески, го кажа личниот став.

„Стопанската комора е активно вклучена во процесите за дуално образование но јас не гледам некаков ефект од таа работа. Не гледам политика на државата кон ова прашање, како што не гледам стратегија кон ниедно прашање. Дали ние живееме во пазарна економија? Ако живееме, ние треба пазарно да ги гледаме работите. Колку треба државата да регулира? Ние сакаме сè да регулира. Не треба, државата е лош регулатор. Таму каде што се замешала, направила хаос. Значи, прашањето треба да го издвоиме од државата, да си го решаваме самите ние“, посочи Азески.

Вели дека кога имале средба со словенечките колеги тие не можеле да сфатат во што е проблемот со недостигот на стручни кадри, затоа што во Словенија стручното образование функционира затоа што е на товар на работодавачите.

„Дали го сфаќате клучното, дека вие сте тие што треба да го платите стручното образование“, им се обрати Азески на бизнисмените укажувајќи им дека треба подобро да се организираат и да ја отфрлат регулативата од државата, „затоа што видовме државата што направи од образованието. 195 факултети, 135 средни училишта и никаква реакција за укинување на ниту еден. Видовме што направи со статусот на професорите, кои ги доведе до питачки стап, а ние сега сакаме да ни ги воспитуваат децата и да ги насочуваат кон некаков правец, а тие не се во состојба да обезбедат своја егзистенција. Сето тоа зборува дека треба да си го свртиме фокусот врз нас. Ако има потреба некој работодавач, тие се толку моќни што можат сами да отворат паралелки, сами да финансираат и така да го направат процесот поинаков“, смета Азески. Нему не ми е јасно зошто не треба да увезуваме работници и рече дека државата наместо да регулира треба да дерегулира, да скине сè што е потребно да можат работници да доаѓаат тука да работат.

Анита Салтировска