Азербејџан и Ерменија отфрлаат мировни преговори
Лидерите на Азербејџан и Ерменија го отфрлија предлогот за мировни разговори, обвинувајќи се меѓусебно за попречување на преговорите на територијата на Нагорно Карабах.
Судирите во регионот ескалираа во неделата, откако десетици луѓе беа убиени и повредени.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, зборувајќи за руската државна телевизија, категорично исклучи каква било можност за разговори.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан за истиот канал изјави дека разговорите не можат да се водат додека борбите продолжуваат.
Алиев во интервју за руската телевизија Русија 1 рече дека Баку е посветен на преговарање за резолуција, но дека Ерменија го попречува процесот.
-Ерменскиот премиер јавно изјавува дека Карабах е (дел од) Ерменија, период. Во овој случај, за каков процес на преговори можеме да зборуваме?, изјави тој.
Премиерот на Ерменија, Никола Пашинјан, за истата телевизија рече дека „е многу тешко да се зборува за преговори кога во тек се одредени воени операции“. Тој рече дека нема воено решение за конфликтот и повика на компромис.
Сепак, тој додаде дека Азербејџан прво мора „веднаш да ја прекине агресијата врз Нагорно Карабах и Ерменија“.
– Сите ние го доживуваме ова како егзистенцијална закана за нашата нација, ние го доживуваме како војна објавена на ерменскиот народ, а нашиот народ сега едноставно е принуден да го искористи правото на самоодбрана, рече премиерот.
Двете страни пријавија жртви, вклучително и цивили. И Ерменија и Азербејџан прогласија воена состојба и воена мобилизација.
Конфликтот во Нагорно Карабах почна во февруари 1988 година, кога автономниот регион објави отцепување од Азербејџанска ССР. По вооружениот конфликт во периодот 1992-1994 година, Баку изгуби контрола над Нагорно-Карабах и седум соседни региони.
Преговорите за мирно решавање на конфликтот се водат од 1992 година во рамките на Минската група на ОБСЕ, предводена од тројца копретседавачи – Русија, САД и Франција. Азербејџан инсистира на зачувување на својот територијален интегритет, а Ерменија ги штити интересите на непризнатата република, имајќи предвид дека Нагорно-Карабах не е страна во преговорите.