Азбест, метални струготини и друг отпад фрлан покрај Лепенец во Ѓорче Петров


За еколошка катастрофа предупредува и вели дека спречила градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на територијата на Општина Ѓорче Птеров, каде според институциите кои го истражувале случајот, на приватна парцела се фрлал различен отпад и се прикривал со земја. За да биде уште потрагично, оваа локација е во близина на пречистителната станица која ја гради општината со европски пари, а се наоѓа во прва заштитена зона. Арсовска вели дека според надлежните, отпад таму фрлала и општината, а сето тоа уредно се наплаќало.

– Пред два дена заедно со инспекторите за животна средина на Град Скопје спречивме уште еден екоцид кој се случувал на територија на општина Ѓорче Петров. Имено, се работи за детектирана еколошка катастрофа која во општина Ѓорче Петров се случувала на парцела од 4.000 метри квадратни приватен имот и околу 5.000 метри квадратни имот на Република Македонија во непосредна близина на реката Лепенец на локација оддалечена неколку стотина метри од новата пречистителна станица која ја гради општина Ѓорче Петров а е финансирана од Европската Унија – рече Арсовска на прес-конференција.

Таа појасни дека приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија која веќе е под истрага за други дела, како и на лице кое е вработено во општина Ѓорче Петров во секторот за финансии, а од неодамна е избран и за претседател на Синдикатот на вработените во општината. 

– Градот Скопје, ниту јас како градоначалник нема да дозволам било кој да продолжи свесно и за профит да ги труе скопјани. Случајот заедно со инспекторите за животна средина на Град Скопје го детектиравме, а по неколкудневно следење на активностите на приватната дива депонија, завчера на 16.01 и во тек на вршење на екоцидот ги фативме на лице место и спречени се во вршење на нелегалните активности, извршен е увид на парцелата, прибирани се докази за сторениот екоцид, фотографирана е состојбата, а прибрани се и други докази.

Случајот е пријавен во МВР, а на лице место излегле и полициски службеници.

– Од прибраните докази констатирано е дека приватната дива депонија се користела како бизнис од наведените лица кои не само што предизвикале еко катастрофа со истурање отпад во заштитена зона Лепенец туку се и осомничени за сторен финансиски криминал, а, она што можеби е најтрагично во целата ситуација е прашањето дали најголем клиент на овие лица кои вршеле екоцид била токму општината Ѓорче Петров? – додаде Арсовска.

Во нелегалната документација и тетратките во кои се водела нелегална книговодствена евиденција може јасно да се констатира дека покрај градежните фирми и приватни лица, од кои се наплаќало меѓу 1.000-1.200 денари најчест клиент кој депонирал опасен отпад е нотирана токму општината, тврди Арсовска. На оваа локација од истата нелегална книговодствена евиденција може да се види дека меѓу 50 и 100 тешки товарни возила камиони истурале токсичен и канцероген отпад.

Воедно Општина Ѓорче Петров нема склучено договор со единствената регистрирана санитарна депонија ЈП „Дрисла“ за одлагање комунален и општински отпад, тврди градоначалничката.

Градот Скопје поднесе кривична пријава во МВР против лицата кои правеле бизнис со кој го загрозуваат здравјето на граѓаните, а ќе поднесат и посебна кривична пријава против градоначалникот на општина Ѓорче Петров. Арсовска побара и оставка од функцијата на градоначалникот на Ѓорче Петров.

Ѓорче Петров негира дека фрлале отпад таму

Стигна реакција на Општина Ѓорче Петров по повод прес-конференцијата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска дека општината направила дива депонија. Оттаму велат дека нејзината помпезна прес-конференција е промашена и посочуваат дека општината никогаш не депонирала отпад нелегално на посочената локација, ниту создавала диви депонии, напротив Oпштината го чисела таквото ѓубре,

„За тоа дека ја говориме вистината, градоначалничката Арсовска може да провери во пунктот на ЈП „Комунална хигена’ во Карпош, каде јасно ќе види дека општинските служби таму одлагале кабаст отпад. Големиот помпезен случај на Арсовска, се решава за 5 минути и еден телефонски разговор со нејзиниот директор на ова јавно претпријатие.

Катастрофалното работење на јавните претпријатија, нехигиената, неуредените зелени површини, нема да ги покрие со политички мотивирани прес конференции. Добро ќе биде наместо водење висока политика и кажувањето на ловечки приказни, градоначалничката да се погрижи за акутните проблеми на градот, па на следната прес конференција да се пофали со некој изграден булевар, почист воздух или пак решение на чекањето по повеќе часови на автобуски превоз, кој секако согласно нејзините заложби треба да биде бесплатен“, се вели во реакцијата на Општина Ѓорче Петров