Азаренка: Време е да се разговара за задолжителна вакцинација во тенисот


САД – Белорусинката Викторија Азаренка стана првата тенисерка која јавно побара задолжителна вакцинација против коронавирус во тенискиот свет.

Азаренка по победата во 2. коло на УС Опен над Италијанката Јасмин Паолини со 2:0 во сетови, рече дека е среќна што повторно може да игра пред публика, но оти тоа го отвора и прашањето за вакцинација меѓу играчите.

– Сакам да се отвори дијалог за задолжителна вакцинација меѓу тенисерите, бидејќи ми е нелогично публиката да мора да биде вакцинирана, а играчите не. Моето мислење е дека вакцинацијата во еден момент мора стане задолжителна, изјави Азаренка.

Според проценките на АТП и ВТА, само половина од тенисерите во двете конкуренции се вакцинирани против Ковид-19.

– Не гледам никаква смисла да се одолговлекува тој процес, бидејќи сите сакаме да бидеме безбедни, да си ја вршиме работата и да патуваме. Мораме да го започнеме тој разговор, бидејќи е неизбежен, порача белоруската тенисерка.