Азар: Имам исто фудбалско размислување како Сари, тој е одличен тренер


Еден Азар нема никаква дилема. Маурицио Сари е најзаслужниот за неговите одлични игри оваа сезона и без двоумење го фали неговото фудбалско размислување и филозофијата на темпераментниот италијански стратег.

Во моментите додека се зборува за неговото заминување во Мадрид, Белгиецот го израмни својот најдобар учинок во Премиер лигата, постигна 19 голови и забележа 12 асистенции. Тој учинок извесно ќе биде подобрен до крајот на сезоната.

„Начинот кој Сари сака да игра, е истиот начин на кој јас сакам Челзи да игра. Лесно е да се разбереме. Статистички, ова е мојата најдобра сезона и сакам да кажам дека начинот на кој Сари размислува за фудбалот е ист како што јас размислувам. Понекогаш губевме, но на крајот, играта на екипата изгледа онака како што јас сакам да изгледа. Мислам дека Сари е фантастичен менаџер. По Конте не беше лесно. Дојде тука со сопствени идеи, да игра фудбал и мислам дека досега поминавме добро. Многу работиме бидејќи е поинаков од Конте и Мурињо. Не е лесно да се промени сѐ, но мислам дека покажавме во изминатите две или три недели дека добро се прилагодивме и сега сакаме на вистинскиот начин да ја завршиме сезоната“, изјави Азар.

Пласманот во Лигата на шампионите се смета за единствен начин клубот да напредува во следниот период.

„Мораме да се квалификуваме, тоа е едноставно. Или да бидеме меѓу четирите најдобри во Премиер лигата, или да ја освоиме Лигата на Европа. Не станува збор само за мене – клубот мора да игра во Лигата на шампионите. Ја пропуштивме оваа сезона, така што за навивачите, управата и клубот е важно да се пласираме во елитното натпреварување. Тоа е нашиот предизвик, ние тоа можеме да го направиме. Секоја година на почетокот на сезоната мораме да размислуваме дека можеме да освоиме трофеј. Тешко е бидејќи Сити и Ливерпул се поквалитетни, но изминатите 10 години освоивме многу трофеи. Се работи само за менталитетот, ако навистина силно сакаме нешто да освоиме, ние тоа можеме и да го направиме“, изјави Азар.