Автомобилскиот гигант го намалува производството притиснат од синџирот на снабдување

Со ширењето на епидемијата ширум светот, претставниците на индустријата стравуваат дека може да зачестат нарушувањата во глобалниот синџир на снабдување што ќе влиаје на авто-производството во следните недели

„Џенерал моторс“ беше принуден да го ограничи производството во две од клучните фабрики во четвртокот и петокот, поради недостиг на делови предизвикан од пандемијата на корона вирусот, а набљудувачите на индустријата стравуваат дека може да следат нови нарушувања, бидејќи стапката на инфекции со КОВИД-19 се искачи на рекордно ниво, пишува Nbcnews.

Прекувремената работа закажана за во саботата во големата фабрика за џипови на ГМ во Арлингтон, Тексас е откажана, објави автомобилскиот производител, додека фабриката за Корвета во Кентаки, беше принудена привремено да се исклучи во четвртокот и петокот. ГМ настојуваше да го зајакне производството во двете фабрики за да се справи со недостигот што произлезе од двомесечното исклучување на индустријата минатата пролет.

„Ќе има и други фабрики кои ќе бидат погодени“, предупреди Карла Баило, извршен директор на Центарот за истражување на автомобили во Ен Арбор, Мичиген.

Авто-индустријата е сериозно погодена од пандемијата. Продажбата во март и во април падна за повеќе од една третина, бидејќи поголемиот дел од земјата беше во блокада. Двомесечното исклучување на фабриката ја влоши таа состојба, оставајќи ги дилерите со недоволна понуда, во време додека расте побарувачката за нови возила.

Производителите на автомобили, како што е ГМ, следат строги нови протоколи насочени кон намалување на ризикот од инфекции во производните погони на фабриката – вклучително и употреба на опрема за лична заштита, социјално растојание и апликации за спречување да работат веќе заразените.

Но, ваквите чекори го отежнуваат враќањето во нормалното производство и започнувањето со обнова на залихите на возила.

„Нивото на залихи ќе остане пониско во однос на претходната година, барем до крајот на 2020 година“, вели вд главниот финансиски директор на ГМ, Џон Степлтон.

Други производители на автомобили, вклучувајќи ја и Тојота, издадоа слични соопштенија во последните неколку недели – тие велат дека ситуацијата е комплицирана и зависат од надворешните добавувачи на делови од кои многу имаат финансиски проблеми и не можат да одговорат на строгите протоколи за КОВИД-19, воспоставени од производителите на автомобили.

ГМ не соопшти каде се случиле тесните грла во фабриките во Кентаки и Тексас, но неколку лица од оваа индустрија укажаа на предизвиците со кои се соочуваат во Мексико, каде стапките на инфекции со КОВИД-19 се зголемуваат. Државите Дуранго и Чивава прогласија црвени предупредувања и донесоа задолжителни ограничувања што влијаат на производните операции таму.

Поради новото ширење на епидемијата во светот претставниците на индустријата стравуваат дека производителите на автомобили, кои се зависни од глобалните синџири за снабдување, може да се соочат со почесто нарушување на работењето во следните недели.

Во соопштението на ГМ беше нагласено дека фабриките во Кентаки и Тексас се само привремено погодени, додавајќи дека компанијата „ќе продолжи да работи со добавувачите за да се минимизира нарушувањето во снабдување со делови“.

Но, ако ситуацијата се влоши, недостатокот на нови возила може да направи „краток спој“ додека продажбата на автомобилската индустрија – и финансиското закрепнување – се вратат назад на вистинскиот пат, што пак ќе доведе до нови намалувања на работните места.