Автобускиот превоз во Битола поскапува за 50 проценти

Општинската власт од една страна ја зголемува цената на градскиот превоз, а од друга им ветува на пензионерите дека два пати неделно ќе се возат бесплатно


 

БИТОЛА – Ново поскапување за 50 проценти на градскиот автобуски превоз ги чека битолчани оваа пролет. Пред да се најави поскапувањето, градоначалникот и претседателот на Советот најавија иницијатива за бесплатно користење на јавниот превоз за пензионерите, два пати неделно, во вторник и петок.

Инаку, по поскапувањето на такси превозот пред краток период, на ред дојде и градскиот превоз каде во прва зона цената од 20 денари за билет поскапува на 30, додека месечната автобуска карта од 800 денари се зголемува на 1.200 денари.

Превозот поскапува и за селата кои се дел од Општина Битола, така што билет во еден правец за населените места што се најблиску до Битола, како Долно Оризари и Кравари ќе чинат 50 денари, додека пак месечната карта од 1.700 денари сега ќе има цена од 2.200 денари. Одлуката за поскапувањето на градскиот превоз во Битола се очекува да биде донесена на утрешната седница на Совеот.  

„На следната седница имаме точка на дневен ред за измена и дополнување на тарифникот за автобускиот превоз на Општина Битола. Согласно со она што се случува во државата во изминатиот период, добивме барање од автобуските превозници во кое логично, бараат зголемување на цената. Сите цени се согласно потребите на автобуските превозниците. Општина Битола нема јавен превоз туку тоа го извршуваат приватници кои се занимаваат со таа дејност“,  вели за медиумите претседателката на Советот, Габриела Илиевска.

Од опозициската СДСМ велат дека ќе предложат до Советот точка на дневен ред со која ќе бараа субвенционирање на градскиот превоз од страна на Општината со цел поскапувањето да не удри дополнително по џебот на граѓаните кои секојдневно патуваат со автобус на работа или на училиште.

„Ние ќе предложиме субвенционирање на градскиот превоз за 10 денари од секој продаден билет за период од шест месеци. Наместо да плаќаат граѓаните, дел од трошокот да сноси и општината од својот буџет. Во оваа криза знаеме дека семејниот буџет на битолчани со поскапувањето, најпрво на такси превозот и сега на градскиот превоз ќе биде уште повеќе погоден“, вели советникот на СДСМ Методија Илиевски. 

Во истовреме градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателката на Советот, Илиевска, покренуваат заедничка иницијатива со која пензионерите од Битола ќе добијат можност за бесплатно користење на јавниот превоз два пати неделно.

„Бесплатното возење на пензионерите нема да биде трошок на Општина Битола, туку по барање на општината тоа ќе го вршат самите превозници“, рече Илиевска.

За битолските либералдемократи иницијативата за бесплатен превоз на пензионерите е само прикривање на поскапувањето на градскиот автобуски превоз во Битола од што ќе бидат засегнати повеќе категории на граѓани кои секојдневно го користат овој превоз особено сега по поскапувањето на такси превозот.

„Бесплатниот превоз за пензионери во вторник и петок е само обично прикривање на поскапувањето на градскиот превоз. Продолжуваат поскапувањата на услугите кои се под надлежност на локалната власт. По поскапувањето на такси превозот од среда ќе поскапи и градскиот превоз, што во овој момент дополнително ќе ја оптовари и онака тешката економска состојба на многу битолски семејства“, вели советникот на ЛДП, Валентин Груевски. 

Пред дава месеци поскапе такси превозот во Битола. Битолчани велат дека и на најкратките релации од 2 до 3 километри не поминуваат без 100 денари за такси. Сега стартот со пресметан еден километар чини 60 денари, за секој следен километар се плаќа 25 денари. Претходно, цената на старт чинеше 30 денари плус 20 денари за километар. Како образложение за поскапиот такси превоз беа посочени покачувањето на цените на горивата, резервните делови, поскапата регистрација за лиценцирани возила, недостигот на возачи, нелојалната конкуренција.