Автобусите на ЈСП нема да возат попладнево? Мицкоски вели – проблемот е административен
Авотбусите на ЈСП се паркираат во гаражите затоа што наводно, според Синдикатот останале без нафта, но премиерот Христијан Мицкоски, уверува дека проблемот е административен.
„Вработените во ЈСП не доаѓаат на работа, административен е проблемот, не е проблемот дека нема количини на нафта. Апелирам и до раководството на ЈСП и до раководството на Градот Скопје, да ги надминат меѓусебните несогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз“, рече Мицкоски, на денешната прес-конференција во Владата, прашан за проблемот со превозот.
Мицкоски појасни дека не станува збор за проблем како пред неколку недели за недостаток на гориво.
Според Миќо Стојановски од синдикатот на вработените во ЈСП вели дека синоќа автобусите се повлекле порано од своите линии со цел да заштедат гориво повеќе за денеска да можат да возат барем една смена.
Тој вели дека од пред неколку дена ЈСП нема ниту директор, затоа што договорот на Драги Кушовски бил истечен и тој веќе не доаѓал на работа. А нов директор нема.
Мицкоски повика градското раководство да назначи нов директор, но да го реши проблемот со јавното сообраќајно претпријатие.
„Состојбата е редовна како и деновиве. Нафта има за автобусите на ЈСП согласно договорот кој е склучен за интервентна набавка на еуродизел поради што јавниот превоз функционира редовно и согласно плановите. На директорот Драги Кушевски му е продолжен в.д. мандатот откако му истече првиот 6-месечен мандат и потпишав решение за ново назначување. Не знам зошто се шират неточни наводи, но можеби некој сака да сокрие нов скандал или непријатни информации“, рече скопската градоначалничка Данела Арсовска за Телма.
Инаку денеска, премиерот имаше прес-конференција со министерката за образование Весна Јанева, на која соопштија дека деновиве ќе бидат префрлени 120 милиони денари за ЈСП, со што ќе се обезбеди бесплатен јавен превоз за студентите, во 2025 година.