Автобусите на ЈСП нема да запрат – советниците одобрија субвенции


Фото: Б. Грданоски

 

Со 24 гласови „за“, два „против“ и без воздржани советниците на Град Скопје му ги одобрија парите на Јавното сообраќајно претпријатие во висина од 110 милиони денари, пари кои и онака беа предвидени во Буџетот на Градот за таа намена. Двајца од советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против, а другите не гласаа.

Претходно се водеше жива дискусија за тоа дали треба или не да се одобрат овие пари, кои со Буџетот за 2023 година беа предвидени за таа намена, доколку се јави потреба. 

Директорот на претпријатието Крсте Петревски на две седници претходно, а и на денешната вонредна објасни за што се потребни тие пари, а требаа за исплата на плати, гориво, долгови…

„Можеби е ЈСП превработено и неправилно распоредени се структурите внатре, но јас тоа не можам да го оправам за шест месеци, година или две до крајот на вашиот мандат. ЈСП почнува да се менува, а за тоа му треба вашата поддршка. Иако сите податоци за работењето се јавни, јас сум тука да ви дообјаснам“, рече Петревски.

„Сакам да ве повикам, за да земат вработените плата треба да излезете во пресрет, оти вие сте основач на претпријатие. ЈСП не е од сега загубар, туку 30, 50 години. Секаде државата овозможува бенефиции за да може да функцираат овие претпријатија“, појасни Петревски.

Овие субвенции се планирани во Буџетот – 440 милиони се исплатени, останати беа уште 110 милиони. (Б.Б.)