Авто гигантите најавуваат помало производство поради недостиг на чипови
Фолксваген и Тојота предупредија за намалување на производството во текот на есента поради нарушеното снабдување со полупроводници
Фолксваген и Тојота станаа најновите производители на автомобили што предупредија за намалување на производството поради глобалниот недостатиг на компјутерски чипови.
Германскиот производител на автомобили Фолксваген соопшти дека прекинот во снабдувањето со полупроводници може да го натера да ги забави производствените линии во текот на есента, додавајќи го ова на кратењата што беа во сила од февруари. Јапонската фирма Тојота исто така објави дека ќе го намали производството за 40 отсто во септември.
Производителите на автомобили се мачеа по заздравувањето на побарувачката што ги наруши синџирите на снабдување претходно оваа година, со зголемувањето на Ковид-19 низ Азија што го погоди производството на чипови и операциите во комерцијалните пристаништа.
„Во моментов очекуваме снабдувањето со чипови во третиот квартал да биде многу нестабилно и тешко“, соопшти Фолксваген, вториот по големина производител на автомобили зад Тојота.
„Не можеме да исклучиме понатамошни промени во производството“, велат од компанијата за Ројтерс.

Од производителот на автомобили со седиште во Волфсбург велат дека очекуваат ситуацијата да се подобри до крајот на годината и дека имаат за цел да ги надоместат недостатоците во производството во втората половина колку што е можно повеќе.
Цените на новите автомобили почнаа да растат како одговор на ограничената понуда на автомобили, но најзабележително влијание имаше пазарот на половни автомобили, каде што цените скокнаа за 14 отсто на годишно ниво во Велика Британија и повеќе од 40 отсто во САД, пишува Гардијан.
Тојота соопшти дека има намера да го намали глобалното производство за септември за 40 отсто во споредба со претходниот план, според бизнис весникот Никеи. Ова влијаеше нејзините акции да паднат за 4,4 отсто во четвртокот.
Акциите на европските производители на автомобили и добавувачи исто така беа во голема мера послаби, при што БМВ, Дајмлер, Рено, Фолксваген и Стелантис – производителот на автомобили Пежо и Фиат – се намалија за повеќе од 2 отсто.
Најновите проблеми во производството следуваат по вестите дека германскиот производител на чипови „Инфинеон“, врвниот снабдувач на автомобили, беше принуден да го прекине производството во една од своите фабрики во Малезија во јуни, поради појава на корона вирус.
Рајнхард Плос, извршен директор на „Инфинеон“, рече на почетокот на овој месец дека автомобилската индустрија се соочува со „акутни ограничувања на понудата во целиот синџир на снабдување“ и дека ќе биде потребно до 2022 година за да се врати рамнотежата меѓу понудата и побарувачката.
Аналитичарите на ИНГ рекоа дека некои тајвански компании за полупроводници кои не се погодени од варијантата Делта на Ковид-19 го туркаат производството над вообичаените 100 отсто за да ја задоволат побарувачката.
Форд соопшти во средата дека ќе го прекине производството за една недела на производствените линии што ги произведуваат неговите најпродавани пикап камиони Ф-150, поради недостиг. Затворањето ќе започне во понеделник.

Претходно овој месец, Џенерал Моторс го прекина производството за една недела во три фабрики за камиони во Северна Америка, додека Нисан го запре две недели во фабриката во Тенеси поради појава на Ковид-19 во фабрика за чипови во Малезија.
Производителите на телефони и компјутери, исто така, објавија недостиг на полупроводници. Раководителите на Епл рекоа дека иако влијанието беше помалку сериозно отколку што се очекуваше во третиот квартал, ќе се влоши во тековниот квартал и може да го погоди производството на Ајфон.
Поради таквото влијание врз американската автомобилска индустрија и заканата за работните места, тројца демократски сенатори побараа од тајванската влада да им даде дополнителна поддршка на производителите на чипови.
Писмото, датирано од 18 август, а претходно не беше објавено, беше испратено од Гери Питерс и Деби Стабенау, сенатори од Мичиген и Шерод Браун од Охајо, до де-факто амбасадорот на Тајван во Вашингтон, Хсијао Би-хем, со пофалби за нејзините напори за надминување на недостигот.
Сенаторите рекоа: „Побарувачката за возила – од автомобили до комерцијални камиони – сега е зголемена, но недостигот на полупроводнички чипови спречува да се исполни оваа обновена побарувачка. Во време кога нашите производители треба да додаваат дополнителни смени, тие мораа да ги стават во мирување американските погони или да го намалат производството. САД сега се најпогодениот регион во светот“.