Австриската министерка Едшатдлер оптимист за кревање на блокадата по разговорите во Софија
Премиерот Кирил Петков ѝ изјавил на Каролине Едштатлер дека доколку има политичка волја спорот со Македонија може да се реши годинава
Сите австриски медиуми денеска го објавија соопштението на австриската новинска агенција АПА за посетата на Каролин Едштадлер, австриска министерка за ЕУ и устав.
Медиумите објавија дека Каролин Едштадлер изразила надеж дека со нејзината дводневна работна посета ќе придонесе за поголема динамика по прашањето за „досега блокираниот од Бугарија почеток на преговорите за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ“. Таа разговараше и за ситуацијата на надворешните граници на ЕУ, миграцијата и заедничката борба против антисемитизмот.
На дневен ред на посетата беа разговори со министерката за надворешни работи и европски прашања Теодора Генчовска, министерот за внатрешни работи Бојко Рашков, средба со претставници на австриски компании во Бугарија и на еврејската заедница, јавуваат австриските медиуми.
Како што забележува вечерва „Кронен цајтунг“, најтиражниот весник во земјата, Каролин Едштадлер се враќа оптимист по нејзината посета на Бугарија, бидејќи по двегодишен ќор-сокак, процесот на проширување на ЕУ „се движи“, а односот на Бугарија кон соседна Северна Македонија има нова динамика.
По разговорот со премиерот Кирил Петков тој изјавил дека доколку има политичка волја спорот со Македонија може да се реши годинава, пишува „Кронен цајтунг“.
Весникот „Клајне цајтунг“ додава дека има знаци за смирување на тензиите во конфликтот меѓу Бугарија и Македонија.
Пред неколку дена во Виена беше германската министерка за Европа, Ана Лирман. Уште во најавата за посетата од Берлин се велеше дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан ќе биде една од главните теми на разговорот. Двете министерки јасно го поддржаа проширувањето на ЕУ кон регионов.
Во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи за разговорите се вели дека Генчовска ја запознала Едштадлер за сето што го направила бугарската влада во последниот месец во дијалогот со Македонија. И дека е неопходно да се решат отворените политички теми меѓу Македонија и Бугарија.