Австрија враќа во функција стара електрана на јаглен затворена во 2020 година


Со оглед што Русија со денови ѝ доставува помали количини гас на Австрија, канцеларот Карл Нехамер одржа кризен состанок со членовите на неговата влада и експерти, на кој беше одлучено повторно да се активира старата електрана на јаглен Мелах.
Електраната Мелах беше затворена во пролетта 2020 година по 34 години работа. Според одлуката од состанокот, на кој присуствуваа и министерот за економија Мартин Кочер и министерката за енергетика Леонора Гевеслер, таа повторно ќе се активира во случај на прекин на испораката на гас од Русија.

Донесена е одлука и за набавка на потребниот јаглен. Електраната Мелах, која се наоѓа јужно од Грац, е последната електрана на јаглен во Австрија. Како што беше нагласено, потребни се неколку месеци за повторно да се активира, пренесе Танјуг.

Австриската влада претходно одлучи складиштето за гас да биде исполнето 80 отсто пред почетокот на грејната сезона, која трае од октомври до март.

Сегашната пополнетост на складиштето за гас е само 40,9 отсто, а се зголемува и покрај намалувањето на испораките, бидејќи е намалена потрошувачката на гас.

Пред неколку недели, австриската влада стави на располагање до 6,6 милијарди евра за купување на стратешки резерви на гас во износ од 20 терават часови, од кои најмалку 7,4 терават часови мора да бидат од неруски извор.

Неодамна усвоениот закон за диверзификација на гас поттикнува купување гас кој не е од Русија до 100 милиони евра.

Дополнително, обезбедена е финансиска поддршка за индустриските компании за замена на гасот со други извори на енергија.

За да се искористи комплетната структура за складирање, воспоставено е правилото „победи или изгуби“, па на секој што има складишни капацитети им се наредува да ги пополнат или да ги направат тие капацитети достапни на другите.

Бидејќи Русија значително ги намали испораките, преземени се мерки за постигнување на таа цел и обезбедување на енергетската безбедност на земјата.