Австрија воведе „корона-семафор“ – Виена, Грац и Линц во „жолто“
Австрија воведе таканаречен корона-семафор, кој на локалните власти треба да им овозможи да воведат специфични мерки против корона вирусот во претстојната зимска сезона.
По официјалниот почеток во Виена, Грц и Линц и во округот Куфстеин, системот покажал „жолто“.
Степенот на зараза се движи од зелено (низок ризик) преку жолто и портокалово до црвено (висок ризик).
Секоја боја носи одредени мерки во борбата против ширењето на заразата.
Која боја преовладува во одреден регион ќе зависи од бројот на новозаразени во период од седум дена на 100.000 жители, но и од критеријумите како што се слободните капацитети во болниците, бројот на спроведени тестови и можноста на следење на синџирот на зараза.
Градоначалникот на Линц, Клаус Лугер од опозицискте социјалдемократи, кои го критикуваа воведувањето на „корона-семафорот“, најави дека поради жолтата боја нема да се носат никакви посебни мерки.
– Изненадени сме и огорчени со воведувањето на жолтата боја и нема да воведуваме никакви мерки – изјавил Лугер.
Министерот за здравство Рудолф Ансхубер објасни дека степенот „црвено“ на „корона-семафорот“ не значи автоматски целосен карантин, но дека исто така степенот „зелено“ не значи укинување туку придржување на темелните мерки во борбата против ширењето на заразата како што се држење дистанца и хигиена.
Дневниот број на новозаразени во Австрија последните денови варира од 200 до 400.