Австрија влезе во рецесија


 

Австриската економија влезе во рецесија во третиот квартал главно поради намалената потрошувачка на домаќинствата и државата, се вели во проценката на економскиот институт WIFO.
Бруто домашниот производ е намален за 0,6 отсто во периодот од јули до септември во однос на претходните три месеци кога падна за 0,8 отсто, пресмета Институтот. Падот на БДП два последователни квартали укажува на рецесија.

Потрошувачката на домаќинствата падна во третиот квартал за 1,0 отсто, три пати посилно отколку во периодот од април до јуни, откри WIFO. Намалени се и државните трошоци, за 1,3 отсто, со што се промени трендот од претходните три месеци кога се зголемија за 1,5 отсто. Падот на бруто инвестициите во фиксен капитал е многу поблаг и изнесува 0,4 отсто, пресмета институтот. Според нив, во периодот од април до јуни инвестициите се намалени за 2,4 отсто, пренесува СЕЕбиз.

Извозот е зголемен за 2,4 отсто, додека во пролетниот квартал е забележан ист процентен пад. Зголемен е и увозот, за 2,5 отсто, по падот од 1,0 отсто во претходните три месеци. На годишно ниво БДП падна за 1,2 отсто, речиси со исто темпо како и во претходните три месеци.

Заводот за статистика одделно извести дека продажните цени на производителите во септември паднале на годишна основа трет месец по ред, за 3,8 отсто. Во август се намалени за 2,4 отсто, а во јули за 1,3 отсто. Месечната споредба покажува мало забрзување на растот на цените на производителите, од 0,3 отсто во август на 0,4 отсто во септември.