Австрија претстави пакет мерки за намалување на влијанието на високата инфлација врз граѓаните
Виена – Австриската Влада денеска презентираше пакет мерки со кои планира да го сузбие влијанието на високата инфлација, меѓу кои се и тригодишното ограничување на зголемувањето на киријата за становите и замрзнувањето на патарините.
Вицеканцеларот Вернер Коглер рече дека ограничувањето ќе важи за 1,2 милиони договори за домување во земјата со околу девет милиони жители. Зелената партија на Коглер соопшти дека тој број претставува три четвртини од сите договори за закуп.
Годишната стапка на инфлација во Австрија во јули изнесуваше 7 отсто.
Пакетот на Владата, исто така, ги ограничува цените на налепниците што треба да ги имаат граѓаните за автомобилите за користење австриските автопати на 96 евра годишно, наместо да се зголемат со инфлацијата. Цената на „климатскиот билет“ што овозможува користење на јавниот превоз низ целата земја ќе изнесува 1.095 евра годишно.
Најновиот пакет на коалицијата на конзервативната Австриска народна партија на канцеларот Карл Немер и Зелената партија на Коглер доаѓа во момент кога австриските политичари се подготвуваат за изборите што се очекуваат кон крајот на 2024 година.