Австрија нема разбирање за блокадата од Бугарија
Министерката за Европа, Каролине Едштадлер, по средбата со Никола Димитров, изјави дека Австрија предложила Виеан да биде неутрално место каде што ќе бидат продолжени македонско-бугарските разговори но тоа не било прифатено
Со секое одложување на првата меѓувладина конференција сите ќе бидеме губитници и преговарачката рамка треба да се усвои за време на португалското претседателство. Со ваква јасна порака денеска излезе австриската министерка за Европа и устав, Каролине Едштадлер, на прес-конференцијата во Виена по разговорите со македонскиот вицепремиер Никола Димитров.
„Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме во Виена како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја реализираме во дела. Северна Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција“, рече Едштадлер.
Потоа уште порача: „Сѐ што е одложување понатаму ќе нѐ остави да бидеме губитници. Искрено велам, дека немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира“.
Вакуумот во регионот, додаде Едштадлер, ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија.
„На Западниот Балкан сакам да го постигнеме спротивното и особено Северна Македонија да ја вклучиме во идната конференција. Западниот Балкан припаѓа во Европа. Сѐ додека Западноиот Балкан се гледа како член и дел од европската перспектива и ЕУ нема да биде комплетна без него“, истакна Едштадлер.
Според министерката Австрија има особен фокус на Западен Балкан бидејќи нејзината држава и земјите од регионот ги поврзуваат историски корени. Важна економската соработка на Австрија, особено во Македонија.
Вицепремиерот Димитров се заблагодари за гласната, принципиелна, пријателска и континуирана поддршка од Виена за европската иднина на целиот Балкан, како и за соработката и поддршката во поглед на Ковид-19, врз основа на принципот на солидарност како обединувачка европска вредност.
„Нашиот пак кон ЕУ е посебно трнлив. Нашиот заеднички пријател и Ваш колега со кого ќе се видам после оваа прес-конференција, министерот Шаленберг, еднаш во Скопје кажа: ‘Тоа е како Тур д’Франс: има многу етапи, и патот е долг, но не треба да има дилеми кој треба да стои на почетокот на трката’ и затоа и денес со Каролине се согласивме, стартот на овој маратон и трката по европските начела и стандарди, веќе не смее повеќе да се одложува“, посочи Димитров.
Според него, проширувањето не смее да стане заложник на билатерални прашања посебно кога тие прашања не се на линија со европските вредности.
„Наши најголеми поддржувачи треба да бидат нашите соседи, бидејќи тие имаат најголем интерес од една европска, блиска, предвидлива Северна Македонија. Убеден сум дека за да бидете блиски мора да го почитувате другиот, и тоа почитување секако вклучува дека идентитеските прашања и прашањето за Македонците, за македонскиот јазик се прашања за македонскиот народ“, нагласи Димитров.
Тој нагласи дека „излегувањето на процесот од шините не ни е во интерес ниту нам, ниту на Бугарија, ниту на регионот, ниту на Европската Унија. Ќе работиме на тоа, ќе растеме заедно, немаме многу време на Балканот“.
Тој се осврна и на изборите во Бугарија, кои, како што рече, „покажаа дека за овој тип прашања, а партијата којашто посебно стави фокус на ова прашање, а не успеа да влезе во Парламентот, општествата на Балканот понекогаш излегуваат позрели од политичките сили“.
„Не може државите да признаваат јазици. Прашањето на јазиците е прашање на самоопределување и е многу внатрешно прашање. И во таа смисла не е на линија на Лисабонскиот договор и на Повелбата на ЕУ за основни права ако било која земја членка на една европска нација можеби мала, но важна, во 21 век да прашува, предизвикува дали нашиот јазик е наш јазик, или не е наш јазик. Македонскиот јазик беше официјален јазик и во поранешна Југославија, тој е признаен и во ОН и тоа е прашање за нас. Пријателството мора да подразбира почитување на достоинството на другиот. Ама ќе стигнеме и до таму“, рече Димитров, повторно прецизирајќи ги ставовите на македонските власти околу бугарските барања. (Н.В.)