Австрија лани протерала рекорден број странци, најмногу Словаци, Унгарци и Романци


Австрија минатата година протера рекорден број странци, а повеќето од нив се државјани на Европската унија, изјави денеска австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер.

„Мислам дека можеме слободно да кажеме дека минатата година беше година на протерување“, рече австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер при претставувањето на статистичките податоци за 2023 година.

Минатата година од Австрија биле протерани 12.900 лица, од кои 46 отсто биле извршени без согласност на протераните. Најголем број од протераните се државјани на една од земјите-членки на Европската унија. Повеќето од нив доаѓаат од Словачка, Унгарија и Романија.

„Најголемиот број на депортации извршени против волјата на депортираните се засноваат на претходни кривични дела“, рече Карнер.

Карнер заклучи дека поради многуте мерки насочени кон намалување на нерегуларната миграција, Австрија стана непривлечна за шверцерите на луѓе.

„Ова го вклучува договорот со Бугарија и Романија за прифаќање на баратели на азил чие потекло не може со сигурност да се утврди“, рече Карнер.

Севкупно, минатата година во Австрија биле поднесени околу 60.000 барања за азил, што е за 47 отсто помалку отколку во 2022 година.