Лотарија за вакцинираните во Австрија – секој десетти ќе добива по 500 евра

Владата ќе дава до три тикети - еден за секоја доза на вакцината


Премиерот Карл Нехамер (во средина) ја објави одлуката заедно со вицепремиерот Вернер Коглер и лидерката на опозициските социјалдемократи Памела Ренди-Вагнер

 

Ројтерс известува дека австриската влада објавила оти ќе воведе национална вакцинална лотарија за да ги охрабри луѓето да се вакцинираат, неколку часа пред парламентот да го усвои нацрт-законот за воведување задолжителна вакцинација.

Приближно 72% од населението во Австрија е целосно вакцинирано против ковид, што е една од најниските стапки во западна Европа.

Новите дневни инфекции достигнаа нов рекорд во средата бидејќи варијантата Омикрон се шири понатаму, но владата сака да избегне уште едно национално заклучување, бидејќи земјата излезе од четвртото минатиот месец.

„Што може да се добие на лотаријата за вакцинација? Ваучери!“, рече канцеларот Карл Нехамер на прес-конференција со лидерката на опозициските социјалдемократи, Памела Ренди-Вагнер, со која беше преговарана мерката.

Нехамер рече дека сака да има финансиска награда за оние што ќе се вакцинираат, додавајќи: „Ние научивме од минатото и видовме дека лотаријата за вакцинација е најдобриот можен начин да се воспостави таков систем“.

Се чини дека планот е дека луѓето, без разлика дали се веќе вакцинирани или не, ќе добијат тикет за секое вакцинирање – вкупно три тикети за оние кои имаат и бустер доза.

Секој десетти тикет би добил подарок ваучер од 500 евра, рече Нехамер, без да прецизира за што се ваучерите.