Австрија ќе одвои 1,2 милиони вакцини за Западен Балкан


Австриската влада одлучи 5 проценти од вакцините кои ќе ги добие од Европската унија во шемата за вакцинацијата да ги одвои за земјите од Западен Балкан. Според планот на ЕУ, во Австрија треба да бидат алоцирани 24 милиони дози, што значи дека има доволно за двојното вакцинирање на 9-милионската нација. Затоа Виена одлучи 5 проценти од нив да одвои за шесте земји од нејзиното балканско соседство.

Тоа го соопшти австрискиот амбасадор во Македонија Георг Вуцас во новогодишната честитка до македонските граѓани.

„На новата 2021 година гледаме оптимистички. Австрија не само што ја поддржува Северна Македонија со итно потребните медицински средства. Австрија исто така ќе даде на располагање 5% од сопствените дози на вакцини против Ковид-19 за Западен Балкан. Европската унија не би била комплетна без интеграцијата на Западен Балкан. Токму затоа Австрија, во рамки на процесот на интеграција, максимално се залага за што е можно поскоро одржување на првата меѓувладина конференција во 2021 година“, рече Вуцас.

Австрија е четвртата земја која најави дека ќе одвои дел од своите вакцини за Македонија. Претходно тоа го најавија, Полска, Грција и Австрија. Колкав ќе биде делот за Македонија засега уште не се знае, а и дали тие ќе бидат донации или за нив ќе треба да плати македонската влада.