Австрија издаде 100-годишна обврзница


Австрија во средата издаде обврзница со рок на доспевање од 100 години, што наиде на голема заинтересираност кај инвеститорите.

На ваков начин австриската влада сака да добие две милијарди евра, со купонска каматна стапка од само 0,85 проценти и со рок на доспевање во 2120 година, пренесе „Сеебиз“.

Австриската влада првпат издаде 100-годишна обврзница во 2017 година, но со значително повисока купонска каматна стапка од 2,1 проценти.

Вкупната вредност на понудите собрани за новоиздадената обврзница изнесуваше дури 17,7 милијарди евра, според менаџерот кој го договорил издавањето.

Австрија е единствената земја во Европа која јавно продава обврзници со толку долг рок на доспевање. Земјите како Белгија и Ирска исто така ги издадоа, но со помали номинални суми и пласирајќи ги кај затворен круг на инвеститори.

Датумот на доспевање е најдолг во Европа од првото тримесечје на оваа година кога пазарите беа погодени од пандемијагта на коронавирус. Само Израел, во меѓувреме, издаде обврзница со толку долг рок на доспевање, посочува „Ројтерс“.

„Ова јасно покажува дека пазарот се нормализирал и закрепнал од кризата затоа што пред два месеци (владата) не би можела да продаде обврзница со толкава вредност“, објаснува Мајкл Лестер од германската Комерцбанк.

Големата побарувачка го одразува апетитот на инвеститорите за обврзници со подолг рок на доспевање, што им нуди поголеми приноси во сегашното опкружување со ниски каматни стапки во Европа, објаснуваат аналитичарите.

Дополнителна причина е што на пензиските и на фондовите за осигурување им се потребни долгорочни средства, додаваат тие.

Обврзниците со долг рок на достпевање, како австриската, се најчувствителни на зголемувањето на каматните стапки, но тоа исто така значи дека тие ќе имаат најголема корист од нивното намалување, објаснува „Ројтерс“.