Австрија и Западен Балкан заедно против Ковид-19

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и премиерите на земјите од Западен Балкан одржаа денеска видео конференција, на која главна тема беше борбата против пандемијата на коронавирусот.

– Оваа пандемија претставува голем проблем за секој поединец, општество и здравствените системи и покажува колку нашите општества и економии се поврзани, поради што мораме да ја зајакнеме нашата соработка, но и по прашањето за актуелната ситуација со новиот вирус, заклучено е на видео конференцијата.

Укажано е дека е потребно заедничко соочување, со цел да се забави ширењето на вирусот, а со тоа и да се спречи зголемениот притисок врз здравствените системи.

Курц укажа дека опасноста од Ковид-19 не смее да се потцени и побара да се применат слични рестриктивни мерки како што тоа го направила Австрија.

– Избивањето на Ковид-19 води кон инфекции во цела Европа и претставува еден од најважните предизвици за нашиот континент во последните неколку децении, се додава во заклучот од состанокот, на кој учествуваа премиерите на Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово.

Земјите од регионот се изјаснија за соработка во спречување на заразата и меѓусебно се информираа за преземените мерки во борбата против натамошното ширење на новиот вирус.

Тие се изјаснија исто така дека се согласуваат уште овој месец ЕУ да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

– Ја потенцираме потребата ЕУ уште во март да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, се наведува во заклучокот од видео конференцијата.Како што истакнаа учесниците, тоа е од одлучувачко значење како за двете земји, така и за веродостојноста на европската перспектива на целиот регион.

Денешниот состанок требаше да се одржи во Виена и во фокус да бидат натамошните чекори за приближување кон ЕУ.