Австрија чекор поблиску до нова влада: АНП, АСДП и НЕОС со договор


Виена – Трите австриски партии што водат преговори за формирање нова влада денеска на средба со претседателот Александер ван дер Белен соопштија дека постои согласност за заедничко владеење. Веста ја објави самиот австриски претседател по разговорите со лидерите на Австриската народна партија (АНП), Австриската социјалдемократска партија (АСДП) и партијата НЕОС (Нова Австрија и Либерален форум).

Ван дер Белен истакна дека има напредок и дека видел не само подготвеност за компромис, туку и фокусираност на заедничката цел за развој на Австрија. – Ова е важно бидејќи влогот е голем, додаде тој.

Претседателот на АНП, Кристијан Штокер, изрази уверување дека владината програма ќе биде финализирана наскоро. Лидерот на АСДП, Андреас Баблер, истакна дека целта е да се постигне стабилност што е можно побрзо.

Штокер нагласи дека разговорите покажале заедничка основа за компромиси и нови решенија за земјата, поради што ќе се стори сѐ за да се формира владата. Баблер додаде дека интересите на државата се поставени над партиските интереси, а целта на политиката треба да биде да го олесни животот на граѓаните.

Лидерката на НЕОС, Беате Мајнл-Рајсингер, изјави дека преговорите се во завршна фаза, но сѐ уште не се комплетирани.