Австрија: Биле болни, а доаѓале на работа, заразиле 158 луѓе


 

Четворица вработени во центрите за дистрибуција на пошта во близина на Виена, Австрија не го почитувале карантинот и продолжиле да работат, иако биле заразени со корона вирус.

На тој начин заразиле 158 лица, тврдат австриските медиуми.

„Сега знаеме како корона вирусот влегол во центрите за дистрибуција на пошта“, наведува неименуван извор во надлежната здравствена установа за весникот „Естерајх“.

Според истиот извор, четири лица кои во Виена биле позитивно тестирани на корона вирус, ја игнорирале одлуката за карантин и како надворешна работна сила продолжиле да работат во центарот во Хагенбрун.

Тоа е можно затоа што здравствените власти во Виена и понатаму не го контролираат карантинот на лице место, туку само праќаат СМС пораки до пациентите, кои на тоа може да одговорат каде се наоѓаат.

Вкупно до сега во Австрија имало 40.000 контролни посети на пациенти во куќен карантин, од кои 26.000 само во покраината Тирол, 9.000 во Штаерска, а во Виена немало ни една проверка за почитување на карантинот со помош на полиција.

Покраинската криминалистичка служба во Виена покрена истрага за случајот, а непочитувањето на карантинот се смета за свесно загрозување на луѓето за што е предвидена казна до три години затвор.

Виенската полиција доби налог да провери дали повеќе баратели на азил ја игнорирале одлуката за карантин.