Австралија со пакет од 1,7 милијарди долари го спасува најголемиот капацитет за топење алуминиум
Австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска најави пакет помош вреден 2,5 милијарди австралиски долари (околу 1,7 милијарди американски долари) во период од 10 години за најголемата топилница за алуминиум во земјата, „Томаго алуминиум“.
Сопственикот на топилницата, „Рио Тинто“, минатата година соопшти дека размислува да го запре нејзиното работење на крајот од актуелниот договор за снабдување со електрична енергија во 2028 година.
– Идејата да седиме и да дозволиме овој капацитет едноставно да исчезне ќе имаше последици. Не можеме да си дозволиме да бидеме на крајот од синџирите на снабдување. Треба да бидеме земја која произведува – изјави Албанезе во Томаго, во регионот Хантер во Нов Јужен Велс, каде што се наоѓа топилницата, соопшти владата.
Пакетот ќе биде поделен на половина меѓу федералната лабуристичка влада и лабуристичката влада на Нов Јужен Велс, а дополнителни инвестиции во иднината на капацитетот ќе обезбеди и самата компанија „Томаго“, изјави Албанезе.
Главниот извршен директор на „Томаго алуминиум“, Жером Дозол, изјави дека „Томаго“ и неговите сопственици ќе инвестираат 1,1 милијарда австралиски долари во капацитетот за да ја обезбедат неговата иднина.
Албанезе оцени дека договорот ќе овозможи дополнителна чиста енергија за Нов Јужен Велс и за Австралија, како и зачувување на работните места во производството.
– Нема сомнеж дека алуминиумот е исклучително важен производ што треба да се произведува, бидејќи тој влегува речиси во сè друго што се произведува во оваа земја – рече тој.