Австралија не издржа до крај: Шпанија е прв финалист на СП во кошарка


Кошаркарската репрезентација на Шпанија е прв финалист на Светското првенство во Кина. „Фуријата“ во полуфиналето, по две продолженија, ја совлада Австралија со 95:88 (мечот во регуларниот дел заврши 71:71).

Австралијците водеа во целиот тек на натпреварот меѓутоа завршницата, сепак, им припадна на шпанските кошаркари кои се изборија за екстра баскет, а потоа, понесени од Рики Рубио, Марк Гасол и Серхио Љуљ, и за место во големото финале во кое ќе играат со победникот од дуелот Аргентина – Франција.

Гасол беше најефикасен во победничкиот тим со 33 поени, Рубио уфрли 19, а Љуљ 17. Лидер во поразената селекција беше Пети Милс со 32 коша.